21.11.2011. Автор: д-р Ивица Милевски.
Во Кумановската област, до денес се регистрирани и истражени неколку мали пештери изградени во варовници или мермери, меѓу кои има и неколку поинтересни. Во таа смисла посебно внимание заслужува пештерата Лишков Пештер, долга само околу 60 метри, која подетално е истражувана во периодот 1995-1998 година. Лишков пештер, се наоѓа во средишниот дел на кратката Бислимска Клисура, на околу 6 км јужно од Куманово (кај ридот Краста), во делот каде реката Пчиња силно меандрира. Овој дел од клисурата е доста стрмен, речиси кањонски и е наречен Мечкина Клисура. Влезот во пештерата е на десната долинска страна, 15 метри над речното корито. Тој е сместен под стрм карпест отсек, во чиј средишен дел се забележува голема вертикална пукнатина. Пристапноста на Лишков пештер е релативно тешка и води по некакви многу стари, издлабени камени скали. Тоа укажува дека во минатото пештерата била посетувана од луѓе и веројатно служела за некаква намена. Влезот има северна експозиција и се состои од 4 отвори со тријаголна форма, од кои два се поголеми и лесно проодни. Крајниот лев отвор е влез во изолиран краток канал. Од самиот влез на пештерата, се отвора голема пештерска сала долга 6-7 метри, чие дно е прекриено со блокови сурнати од таваницата. На левата и десната страна од салата, продолжуваат два канали долги по околу десетина метри, кои завршуваат со помали кружни проширувања. По страните на каналите се забележуваат прекрасни пештерски орнаменти во вид на завеси, драпери и сливови со преливна бледо-жолта боја. Од таваницата пак, се
спуштаат неверојатно интересни тенки сталактити во форма на цевчиња, кои природата макотрпно ги создавала. Она што за време на нашите истражувања беше вистинско изненадување се четирите кружно издлабени камени садови во почетниот дел на левиот канал. Според изгледот, овие садови најверојатно се многу стари, а нивната точна намена за сега останува неразјаснета. На другата страна, во десниот канал, се одвојува една полу-проодна пукнатина која се спушта во длабочина и завршува со кружна сала. И овој канал е богат со сталактити, а се јавуваат и неколку покрупни сталагмити. На дното од каналот во зимскиот период од годината се формира мало езерце, кое понира преку пукнатината, а водата му истекува кон реката Пчиња.
Внатрешноста на Лишков пештер е доста топла и влажна. Пештерата располага и со разновиден животински свет, особено подземни инсекти и лилјаци. За жал, поради разни суеверија, лилјаците речиси целосно се истребени, а други авантуристи пак, трагаат по некакви закопани богатства, уништувајќи го уникатниот пештерски накит не само во овој крај туку и пошироко. Така, обично се крши по некој сталактит или сталагмит, кој осветлен внатре изгледа преубаво, но изнесени надвор од пештерата станува обичен „камен“ за фрлање. А замислете само, природата секој сталактит го изградувала со стотици и илјадници години, со слевање на безбројни капки од таваничниот дел. Затоа, прекрасно доживување е да се посети и доживее Лишков Пештер, при тоа водејќи сметка дека на неа треба да се восхитуваат и нашите идни генерации.
Автор на текстот: д-р Ивица Милевски
Трудот за Лишков Пештер е објавен во списанието: Географски Разгледи Кн. 34, Скопје, 1999 година.
Оваа статија е прочитана 8786 пати!