20.11.2011. Куклица е мало село од раштркан тип кое се наоѓа 8 км северозападно од Кратово, а во последно време стана познато и „популарно“ по карактеристичните ерозивни форми наречени земјани пирамиди или камени кукли. Првите подетални и попрецизни истражувања на Куклите, беа извршени од моја страна во периодот 1995-1998 година, а резултатите беа презентирани во трудот „Земјени пирамиди во Куклица-Кратовско“ во 2000-та година. Во истиотиот период, го користевме секој начин за да го промовираме локалитетот, истакнувајќи ги неговите уникатни вредности и потребата од заштита. Акцентот на заштитата пак, беше особено значаен поради предвидена изградбата на браната Вакуф и на железничката траса (од Коридорот осум) во близина на локалитетот, како значителни опасности за негова деградација или уништување. Инаку, појавата секако е позната со векови на месното население, кое имало различни толкувања и легенди за нејзиното настанување.
Со првите истражувања (1995-1998) се извршени основните морфолошки и морфометриски мерења во областа и на самите форми, проверен е литолошкиот состав на карпите во областа за да се одреди можната генеза (настанување) на формите, анализирани се климатските, хидрографските, вегетациските услови и влијанието на човекот. Со посебни постапки, добиени се сознанија за современиот интензитет на еродирање на формите и околното земјиште и на натрупувањето на еродираниот материјал. Утврдено е дека денес, поради интензивната ерозија, Куклите забрзано се менуваат и уништуваат. Тоа треба да се има во предвид при проекција на туристичката посета на локалитетот и придружните активности кои би се изведувале во близината на формите. Имено, појавата е многу „осетлива“ па мало нарушување на сегашниот природен сооднос може да предизвика уште побрзо уништување (ерозија и засипување) на пирамидите.
За подобро да се согледаат овие процеси, во текот на 2008 година (кога се донесе и Законот за прогласување на Куклица за споменик на природата), извршена е евиденција и геокодирање на пирамидите со помош на ГПС уред. Исто така, картирани се сите активности во рамките на локалитетот, особено изградбата на бетонски патеки и скали. Патеките и скалите се изведени без стручна консултација и надзор, така што го пореметуваат природното површинско истекување на атмосферските води и водат до линиска-длабинска водна ерозија со постепен развој на бразди и долчиња. Нашите пресметки укажуваат на точно одреден капацитет на локалитетот, кој не смее да се надминува. Исто така, до вододелницата на ридот Дубица (над Куклица) не би смеело да се превземаат активности кои ќе го нарушат природниот пат на водата до коритото на Крива Река.
Мерењата и емпириските пресметки покажуваат дека групата на Кукли наречени „Весела свадба“, ќе егзистираат уште неколку векови (500-700 години). Секое преземање на несоодветни зафати и активности, овој период ќе го скрати двојно или тројно. Воедно, мора да се води контрола за движењето на луѓето по локалитетот, затоа што поминување на повеќе од стотина посетители по наклонет терен составен од туф, го интензивира распаѓањето на површинскиот слој на карпи, го намалува впивањето на врнежите, а се засилува ерозијата и натрупувањето на еродираниот материјал.
Со анализите од 2008 година е потврдена претходно констатираната старост на формите, која не е поголема од 20.000 години. Според тоа, погрешни и произволни се информациите дека тие се стари 10 милиони години, бидејќи во тој период, на овој простор згаснувале последните вулкански ерупции. Од тој период до пред 1.5 милиони години, во близина егзистирале Славишко и Кумановско (Средно-Вардарско) Езеро, а токму на подрачјето на денешна Куклица била врската помеѓу нив. По повлекувањето на езерата, на дното на исушените басени започнала да се се всекува Крива Река, која до висината на Куклите се спуштила пред околу 20.000-10.000 години. Тогаш или малку подоцна се создале поголеми наклони, се сменила вегетацијата, а поради влијанието на човекот се зголемила ерозивноста, што условило постепено оголување на теренот и појавување на првите форми.
Последните истражувања на Куклица беа изведени во ноември, 2011 година. При тоа со попрецизни постапки се измерени димензиите на „Младоженците“ и на „Кумовите“, а и на целата појава. Обрнато е внимание и на сличната група на форми со изразениот бедленд 1 км западно, кои исто така се доста интересни. Извршени се корекции за површината на појавата, интензитетот на ерозија и други значајни елементи. Сите овие и многу други нови интересни сознанија набрзо ќе бидат публикувани и објавени печатено и електронски (секако прво на ИГЕО-порталот).
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 9184 пати!