За катастрофалниот земјотрес во Скопје 518 година

На вчерашен ден, пред 1504 години се случил еден од трите тектонски земјотреси со готово катастрофални последици за градбите и жителите на подрачјето и околината на денешно Скопје.

Земјотресот 28.04.518 година го зафатил античкиот и византиски град Скупи на подрачјето на сегашно Скопје, главен град на тогашната византиска провинција Дарданија. Денес овој земјотрес се оценува со максимален интензитет од IX степени според Европската макросеизмичка скала од 1998 година (EMS-1998), и со макросеизмичка магнитуда Мms=6.1. Согласно со ефектите дадени во пишаниот увид на Марцелинус, секретар и историограф на тогашниот византиски император Јустинијан I. Според овој увид, Скупи, бил целосно разурнат од земјотресот, иако немало жртви, бидејќи сите жители претходно избегале при напад од некој непријател.

“Во провинцијата Дарданија, од непрекинат земјотрес, наеднаш биле урнати 24 тврдини-градишта. Две од нив, заедно со своите жители, пропаднале во земјата, во 4 /тврдини/ половината од зградите и луѓето биле уништени. Во 11 /тврдини/, една третина од куќите и исто толку од народот биле уништени, во 7 /тврдини/ четвртина од куќите и ист толкав дел од луѓето биле упропастени, а во соседните места, поради стравот од уривања, сите се разбегале. Главниот град Скупи, макар и без загуба на жителите, кои се спасиле /избегале пред тоа/ од /некој/ непријател, бил сосема разурнат. Во една тврдина, наречена Сарнунто, во месноста Каниса, земјата се отворила и, вжештена како печка, долго време исфрлала врела вода. Многу од планините во провинцијата се распукале од овој земјотрес; од нив се откачиле стени, а дрвјата се откорнале. Во една пукнатина долга околу 30 милји /45 km/ и широка 12 стопи /околу 3.5m/, пропаднал голем број жители, кои пред тоа успеале да се спасат од урнатините, одронувањето на стени или од непријателски напади”.

Постанок на земјотресите од скопското епицентрално подрачје

Целокупноста од сеизмолошките, геодетските и тектонските истражувања скопското епицентрално подрачје укажува дека земјотресите настануваат во услови на меѓусебна тектонска поврзаност на планините Скопска Црна Гора и Водно. Скопска Црна Гора, под дејство на постојаните регионални тектонски сили на напрегања во насока запад-северозапад, сé уште се развива, за разлика од стабилното Водно. Поради ова, на подземниот контакт на овие две планини (над којшто се наоѓа Скопската котлина и градот Скопје) постојано дејствуваат и се акумулираат тектонски напрегања. Кога силите на овие напрегања ја надвладуваат силата на триење на блоковите на Скопска Црна Гора и Водно, овие блокови претрпуваат нагло релативно придвижување долж нивниот контакт, предизвикувајќи со тоа земјотреси.

Литература:

Љ. Јордановски, Л. Пекевски, В. Чејковска, Д. Черних, Б. Христовски, Н. Василевски, Основни карактеристики на сеизмичноста на територијата на Република Македонија, Универзитет ″Св. Кирил и Методиј″, Природно-Математички факултет, Сеизмолошка опсерваторија, Извештај бр. 1998-01, Скопје, 1998.

Автор на текстот: Сеизмолошка опсерваторија при ПМФ Скопје

Оваа статија е прочитана 578 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *