23.05.2012
Ноќта на 22.05.2012 година, во 02 часот, се случи силен земјотрес чиј епицентар беше во градот Перник (20 км југозападно од Софија) со интензитет од 5,8 степени по Рихтер и длабочина од околу 9 км. По главниот земјотрес, на овој простор се појавија уште 15 послаби. Главниот земјотрес предизвика материјална штета, а околу 50-тина лица беа повредени. Она што е карактеристично е големиот регионален ефект на земјотресот. Имено, истиот се почувствува на повеќе локации на Балканскиот Полуостров, оддалечени и до 300 км од епицентарот. Така, според Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ, во Скопје земјотресот се почувствува со јачина од 5-6 степени според Европската макросеизмичка скала, а со сличен интензитет и во источните делови на Македонија, Србија, па дури и Грција. Всушност, долготрајното, карактеристично „нишање“ (со лонгитудинални бранови) упатуваше на неговиот регионален карактер. Но кои се причините за вакви „регионални“ земјотреси?
Регионот на Средоземјето (Медитеранот) сеизмички е доста активен поради судирот на Африканската и Евроазиската континентална плоча. Имено, огромната Африканска континентална плоча („носејќи“ го целиот континент Афрка) се движи кон север со брзина од околу 4-10 мм годишно, при тоа судирајќи се со Евроазиската плоча (на која лежат Европскиот и дел од Азискиот континент). Овој судир започнал пред околу 50 милиони години и е поврзан со „затворањето“ на некогашното големо море Тетис од кој денес останало Средоземното Море. Причините пак за ваквото движење и судири на цели континенти (други пак како Африка и Америка се оддалечуваат), лежат во кружните движења на магмата (врз која лежат континентите) под земјината кора.
Најсилна сеизмичност во Медитеранскиот регион со појава на катастрофални земјотреси е забележана во јужниот дел на Егејско Море (јужна Грција) од Пелопонез до Крит, потоа долж Северно-Анадолискиот расед во северозападна Турција и долж Калабриската зона во јужна Италија. Во овие подрачја се забележани многу силни земјотреси, како оној од 1903 година во Китера (проценети 8,2 степени по Рихтер), потоа земјотресот од 1926 година на Родос (7,8 степени по Рихтер-најсилниот инструментално забележан земјотрес во Европа), како и катастрофалниот земјотрес од 1999 година во Измит кај Истанбул (7,6 степени по Рихтер, кога загинаа повеќе од 17000 луѓе). Заради силниот судир на овие огромни континентални плочи (и неколку помали како Арабиската, Малоазиската и сл.), засегнат е и Балканскиот Полуостров. Тој е „раздробен“ на помали блокови, од кои некои се „нестабилни“ и од време на време ќе се затресат или занишаат за да постигнат привремена стабилност. На такви релативно нестабилни блокови лежи Валандовската, Скопската, Дебарската, Дојранската Котлина во Република Македонија, како и Косовската, Софиската, Струмската (посебно Кресненска) и други во соседството. Потврда за тоа се и силните земјотреси во овие подрачја кои достигнале и до 7 степени по Рихтер (Пехчево-Кресна), односно и до 10 степени според Европската макросеизмичка скала.
Значајно е да се напомене дека често, силните земјотреси во регионот на Медитеранот биле проследени и со катастрофални цунами. Такво огромно цунами било формирано за време на силниот Лисабонски земјотрес во 1755 година, чија магнитуда е проценета на 8 степени по Рихтер. Од земјотресот и од цунамито тогаш загинале над 60.000 жители на Лисабон и околните населби. Земјотресот пак во Месина од 28 декември 1908 година (7,2 степени по Рихтер) предизвикал огромно локално цунами, така што од земјотресот и од цунамито загинале околу 100.000 жители по што се смета за најсмртоносен земјотрес во Европа. Постојат докази и записи за уште десетици други цунами предизвикани од земјотреси, кои имале катастрофален ефект.
Извор: http://earthquake.usgs.gov/earthquakes/eventpage/usb0009uyx#summary
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 8546 пати!