Повторно се зголемува ризикот од поплави и свлечишта!

27.03.2015

ПоплавиДолготрајните врнежи кои паѓаат на подрачјето на нашата држава веќе подолг период, предизвикаа натрупување на голема водена маса. Според проценка од извештаите, просечно за целата држава, во минатиот месец наврнаа над 100 мм врнежи, или вкупна водена маса од 4 милијарди метри кубни! Воедно, во следните 10-тина дена се очекува пораст на дневните температури, што може да предизвика забрзано топење на снегот во високите планински подрачја, превлажнување на подлогата и појава на „нестабилност“ со лавини, одрони и свлечишта. Под зголемен ризик од вакви појави ќе бидат стрмните планински и долински терени со растресита геолошка или земјишна подлога, неотпорни карпи и претходно познатите лавинско-свлечишни коридори. Воедно, зголемен ризик од свлечишта и лавини има и на поголемите засеци над патиштата. Во таа смисла, особено треба да се внимава на долината на реката Радика и патниот правец Маврово-Дебар-Струга кој е познат по честа појава на свлечишта и лавини, потоа на патиштата Охрид-Ресен-Битола, Струмица-Берово-Делчево, Македонска Каменица-Истибања, Гостивар-Охрид, Куманово-Страцин-Кратово, делови од свлечиштаавтопатот Скопје-Велес, делови од засеците на железничките линии како и многу други. Во таа смисла, населението, возачите и сите други треба да внимаваат и да го имаат во предвид зголемениот ризик од вакви природни непогоди на наведените стрмни или нестабилни места. Во ниските пак, зарамнети котлински терени, повторно може да се очекуваат локални поплави долж низинските речни корита и крајречните рамнини.

Поради зачестените неповолни метеоролошки состојби кои во идниот период ќе бидат уште поизразени, неопходна е стручна проценка на постоечките природни ризици (поплави, ерозија, свлечишта, одрони) кои причинуваат се поголеми директни и индиректни штети. За таа цел, потребно е пред се да се изработи национален катастар на загрозени (и деградирани) подрачја од соодветните природни хазарди, каков што имаат речиси сите држави од ЕУ. Во рамките на него, неопходно е воспоставување на комплексен ГИС систем со прецизни модели и сценарија за потенцијалните непогоди, Satelit1загрозени површини и степени на ризик. Денес, за таа цел на располагање ни стојат деталните висински модели на релјефот, потоа слободните тематски сателитски снимки кои се обновуваат доста често (Landsat 8, MODIS, MeteoSAT) и сл. Преку нив, ќе може да се врши постојан мониторинг, потоа меѓурегионално и меѓуопштинско информирање за потенцијалната претстоечка природна непогода, нејзиниот просторен опфат, степен на ризик и др. Добар пример за ГИС-базирано моделирање на потенцијалните природни непогоди, кое се покажа како доста реалистично и прецизно е изработен за општината Пехчево, под стручно раководство на авторот на статијата.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5292 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *