Апел од група експерти по природни науки за заштита на реката Дошница

Деновиве со апел за запирање на изградбата на мали хидроцентрали на реката Дошница, се јавија повеќе видни експерти по природни науки, барајќи од Министерството за животна средина и просторно планирање да прогласи привремена заштита на подрачјето според член 97 од Законот за заштита на природата. Истовремено, група активисти веќе подолго време протестира против изградба на мали хидроцентрали со физичка блокада. Голем број организации се огласија со поддршка за иницијативата.

Реката Дошница е препознаена како една од најчистите и највредните водотеци во земјата, богата со ендемски и ретки биолошки видови, исклучително значајна за зачувување на биодиверзитетот и водниот режим во регионот. За жал, на нејзиниот тек се планира изградбата на две мали хидроцентрали чија изградба и работа ќе предизвикаат непоправлива штета врз реката, геонаследството и екосистемите.

Општина Демир Капија поднесе официјално барање за прогласување на пределот на Демир Каписката Клисура за заштитеоно подрачје во 2023 година, а Министерството за животна средина и просторно планирање го утврди прогласувањето на заштитено подрачје на територијата на Општина Демир Капија како приоритет во својата Програма за заштита на природата за 2024 година. Со цел заштита на овој предел од неповратна штета, потребна е итна мерка за заштита.

Во тек е проценка на вредностите на подрачјето и подготовка на експертски извештаи за студијата за валоризација. Од огромно значење е подрачјето да биде проценето без тековни градежни активбности кои можат да ги променат резултатите. Затоа, бараме Министерот за животна средина и просторно планирање итно да донесе решение за привремена заштита на подрачјето на Демир Каписката Клисура сѐ до нејзиното официјално прогласување за заштитено подрачје.

„Со оглед на тоа што сè уште не се утврдени степенот на заштита и зоните на заштита на идното заштитено подрачје, секоја интервенција која може да предизвика неповратна деградација или девастација на природните вредности – како што е изградбата на мали хидроцентрали – мора итно да се стопира.“ – изјави проф д-р Митко Караделев.

Експертите предупредуваат дека продолжувањето со вакви активности пред завршување на студијата за валоризација и пред донесување конкретни одлуки за зонирање и управување, може да резултира со непоправлива штета врз екосистемите, хидролошкиот баланс и потенцијалот за одржливо користење на подрачјето.

Затоа, експертите предлагаат итен мораториум на сите активности поврзани со изградба на мали хидроцентрали или други инфраструктурни зафати кои носат ризик од деградација на природните вредности. Притоа, потребно е прво да се заврши целосната валоризација на подрачјето, да се дефинираат границите и зоните на заштита и да се изработи соодветен план за управување со идното заштитено подрачје,

Групата апелира до надлежните институции, инвеститорите и пошироката јавност да го почитуваат овој научно-стручен пристап и да се воздржат од било какви зафати што можат да го компромитираат значењето и интегритетот на овој сè уште незаштитен, но извонредно вреден природен простор.

Експертите формално бараат Министерот за животна средина и просторно планирање да го стави текот на реката Дошница и пределот околу неа под привремена заштита, согласно член 97 од Законот за заштита на природата.

Потписници на апелот се:

Академик д-р Владо Матевски, МАНУ, Скопје
Проф. д-р Митко Караделев, УКИМ, Скопје
Проф. д-р Митко Костадиновски, УКИМ, Скопје
Проф. д-р Рената Ќуштереска, УКИМ, Скопје
Проф. д-р Ивица Милевски, УКИМ, Скопје
Проф. д-р Златко Левков, УКИМ, Скопје
Проф. д-р Валентина Славевска-Стаменковиќ, УКИМ, Скопје
Проф. д-р Милица Ристовска, УКИМ, Скопје
Проф. д-р Александра Цветковска-Ѓорѓиевска, УКИМ, Скопје
Д-р Марјан Темовски, ХУН-РЕН Атомки, Дебрецен
Д-р Билјана Гичевски
Д-р Марјан Комненов

Оваа статија е прочитана 133 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *