Неодамна е објавен истражувачки труд, предводен од м-р Бојана Алексова како главен и водечки автор, во соработка со д-р Ивица Милевски, д-р Тин Лукиќ, д-р Слободан Марковиќ и м-р Ивана Маневска, публикуван во престижното меѓународно индексирано списание International Journal of Geoheritage and Parks (Elsevier), со висок CiteScore од 9.5. Трудот е насловен „Прелиминарна оценка на геолокалитети за туризам базиран на природа во националните паркови Маврово и Шар Планина, Македонија“ (анг. Preliminary evaluation of geosites for nature-based tourism in Mavrovo and Šar Planina National Parks, North Macedonia).
Истражувањето се фокусира на проценка на потенцијалот за туризам базиран на природа (Nature Based Tourism) во националните паркови Маврово и Шар Планина во Македонија, применувајќи ја методологијата Geosite Potential (G-P). Оваа метода овозможува евалуација на геолокалитетите врз основа на нивната научна, едукативна и туристичка вредност, како и ризикот од деградација. Клучните геолокалитети, како Лешница и Корапскиот водопад, се истакнаа со високи оценки во сите категории, што ги прави идеални за зачувување и развој на туризмот. Од друга страна, локалитети како Кањонот на Боговинска Река и Клисурата на реката Пена покажуваат умерени вредности, укажувајќи на потребата од дополнителни инвестиции во инфраструктурата.
Истражувањето покажува дека геолокалитетите со висок туристички потенцијал, како Корапскиот водопад и Лешница, имаат предност поради нивната достапност и геолошка разновидност. Сепак, оддалечените подрачја со ограничен пристап бараат подобрувања за да се искористи нивниот потенцијал. Истражувањето, исто така, идентификува ризици од деградација, особено на локации со интензивна човечка активност, како Лешница, и нагласува потреба од одржливи практики, вклучително еколошки патеки и системи за управување со отпад.
SWOT-анализата во трудот ги истакнува силните страни, слабостите, можностите и заканите за развој на NBT во овие национални паркови. Позитивните аспекти вклучуваат економски раст и зачувување на природата, додека предизвиците, како недоволната инфраструктура и ограничената промоција, бараат стратешки подобрувања. Според проценките, развојот на локалното сместување, вклучително искористување на недоволно користени домови, може да привлече до 30.000 туристи годишно, генерирајќи околу 1 милион евра приход.
Ова истражување не само што ја нагласува важноста на геолокалитетите за научни и едукативни цели, туку и дава насоки за одржлив туризам и зачувување. Идните истражувања би можеле да вклучат културни аспекти за да се подобри разбирањето на геотуризмот. Трудот е достапен на следниот линк и претставува значаен придонес кон развојот на одржлив туризам во Македонија.
Напишала: м-р Бојана Алексова
Оваа статија е прочитана 128 пати!





