На 26 септември 2025 година, во меѓународното индексирано списание Rendiconti Lincei. Scienze Fisiche e Naturali (Springer, IF: 2.7) е објавен истражувачки труд предводен од главен автор од Кина, во соработка со истражувачи од Саудиска Арабија, Етиопија, Индија, Македонија и Египет. Од Македонија, значаен придонес во истражувањето даде м-р Бојана Алексова. Трудот, насловен „Следење на глобалните климатски отпечатоци: Четири децении на промени во температурите на воздухот и динамиката на озонот (1980–2024) со користење на сателитски податоци од MERRA-2“ (анг. Tracing the Global Climate Footprint: Four Decades of Evolving Air Temperature and Ozone Dynamics (1980–2024) using Satellite-Based MERRA-2 Data), е достапен на линкот.

Истражувањето анализира податоци од четири децении (1980–2024) за температурата на воздухот близу земјината површина (на ниво од 1000 hPa, што е атмосферски притисок близу морското ниво) и за количеството на озон во атмосферата, користејќи го податочниот сет MERRA-2 на NASA, кој е збирка на обработени податоци од сателитски мерења. Сезонските анализи, опфаќајќи зима, пролет, лето и есен, покажуваат постојан тренд на затоплување, особено изразен во зимските месеци, додека летните температури остануваат релативно стабилни. Истовремено, количеството на озон покажува знаци на закрепнување, особено во зимските и есенските месеци, што ја одразува успешноста на меѓународните иницијативи, како што е Монтреалскиот протокол.

Клучните наоди од истражувањето ги истакнуваат следните импликации:
- Зголемените температури можат да предизвикаат промени во дистрибуцијата на видовите, да влијаат врз структурата на живеалиштата и да го нарушат функционирањето на екосистемите.
- Температурните промени влијаат врз периодите на раст на културите, нивната фенологија и потенцијалот за принос, што може да предизвика стрес кај растенијата и да ја намали нивната продуктивност.
- Порастот на температурите е поврзан со зголемена појава на болести предизвикани од топлина и со проширување на подрачјата каде што се присутни болести пренесувани од инсекти, како што се маларија и денга.
- Зголемената фреквенција и интензитет на топлотни бранови, бури и други екстремни настани бараат подобрени стратегии за адаптација и отпорност.
Анализата на озонот открива позитивен тренд на закрепнување, особено на повисоките географски широчини (блиску до половите), во согласност со циркулацијата на Бруер-Добсон (движење на воздухот што го носи озонот од тропскиот појас кон половите) и динамиката на фотохемиското намалување (хемиски процеси што го разградуваат озонот, но сега се намалуваат).

Овие наоди ја потврдуваат важноста на континуираното следење на атмосферските промени и ефективноста на глобалните политики за заштита на озонскиот слој. SWOT-анализата во трудот ги идентификува силните страни, како што се висококвалитетните податоци од MERRA-2 и успешните меѓународни политики, но и слабостите, вклучувајќи ја потребата од континуирано финансирање и глобална соработка. Можностите се во интеграцијата на овие податоци во климатските модели, додека заканите вклучуваат потенцијални неуспеси во спроведувањето на политиките за ублажување на климатските промени.
Ова истражување ја нагласува важноста на долгорочното следење на климатските промени и обезбедува сигурна рамка за проценка на повеќедецениската варијабилност и нејзините општествени и еколошки импликации. Идните истражувања би можеле да се фокусираат на интеграција на дополнителни атмосферски параметри за подобрување на климатските проекции. Трудот претставува значаен придонес кон глобалните напори за справување со климатските предизвици и промовирање на ефективно еколошко управување.
Напишала: м-р Бојана Алексова
Оваа статија е прочитана 105 пати!





