Во реномираното списание Geoheritage (Springer), објавен труд за Маркови Кули

Денес во реномираното меѓународно списание Geoheritage (Springer), излезе научен труд кој го претставува споменикот на природата Маркови Кули пред меѓународната научна јавност – за првпат во вакво реномирано списание. Овој споменик на природата, сместен над градот Прилеп, претставува вистинска природна лабораторија на гранитни релјефни форми, кои сведочат за создавање и моделирање на земјината површина низ милиони години. Авторите, предводени од проф. д-р Ивица Милевски, со примена на дронска фотограметрија и машинско учење (machine learning) креираа детален тридимензионален модел со резолуција од само 10 сантиметри, со што овозможија прецизна идентификација и инвентаризација на над сто природни форми – од грамади и стогови, до уникатни блокови и карпести скулптури. Во таа смисла, трудот претставува сеопфатна анализа на инвентаризацијата, морфометриската обработка и геоконзервациската проценка на извонредните денудациски гранитни форми на Маркови Кули, реализирана преку беспилотни летала (UAV) и современи геопросторни методологии. Всушност, овој труд претставува прва интеграција на UAV технологија, машинско учење, GAM и климатски индекси во анализата на гранитни форми во Македонија, надминувајќи ги традиционалните мануелни методи и скапите LiDAR технологии.

Овој труд има особено значење не само за науката, туку и за промоцијата на Маркови Кули како потенцијален кандидат за некоја од категориите под УНЕСКО – било како геопарк, светско природно наследство или клучен локалитет на геонаследство. Со ваквата интернационална презентација, споменикот на природата Маркови Кули добива заслужено внимание и признание, но и поттик за негова заштита и одржливо управување. Трудот, истовремено, ја нагласува потребата од постојан мониторинг и внимателно насочен геотуризам, кој ќе ја зачува природната убавина на просторот и ќе го збогати културниот идентитет на Прилеп и Македонија.

Со овој чекор, Маркови Кули конечно се поставува на светската мапа на значајни геолокалитети, покажувајќи дека и помалите земји можат да понудат големи природни и научни вредности кога тие се прикажани со современи методи и визија за иднината.

Во контекст на климатски промени и растечка урбанизација, ова истражување претставува јасен повик за зачувување на гранитните формации како уникатен дел од геонаследството на Македонија. Плод на регионална соработка и научна визија, трудот ја поставува нашата држава на мапата на светското геонаследство, потсетувајќи дека науката е мост меѓу минатото и иднината.

Благодарност до коавторскиот тим, особено до оние кои навистина се вложија и помогнаа оваа идеја да стане реалност.

Трудот е достапен на следниот линк.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 46 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *