На 28 и 29 октомври 2025 година, во градот Котбус близу Берлин, Германија и во инфо-центарот на УНЕСКО Глобалниот геопарк Muskauer Faltenbogen / Łuk Mużakowa, се одржа УНЕСКО состанок и тренинг на тема „Зајакнување на спрегите помеѓу науката и политиките за биосферните резервати и УНЕСКО глобалните геопаркови“ (Strengthening Science-Policy Interfaces in Biosphere Reserves and UNESCO Global Geoparks). На настанот, организиран од Регионалната канцеларија на УНЕСКО за наука и култура во Европа, во соработка со Германската комисија за УНЕСКО и споменатиот геопарк, присуствуваа 35 креатори на политики и експерти од 18 европски држави, меѓу кои двајца учесници од Република Македонија (д-р Ивица Милевски, како експерт за геонаследство и м-р Исуф Фетаи, како претставник од МЖСПП). Главни цели на настанот беа:
- Подобрување на знаењето за концептите и стратешката вредност на Биосферните резервати и УНЕСКО Глобалните геопаркови за одржливиот развој и националните приоритети.
- Продлабочување на разбирањето на меѓународните и регионалните рамки за биодиверзитет, клима и намалување на ризикот од катастрофи и нивно усогласување со работењето на терен.
- Јакнење на улогата на биосверните резервати и УНЕСКО глобалните геопаркови во националното одлучување и интеграција на политики.
Согласно овие цели, во текот на двата дена беа одржани 10-тина презентации и дискусии за вредноста на биосферните резервати и геопарковите како динамични социо-еколошки подрачја што придонесуваат за заштита и промоција на биодиверзитет, геодиверзитетот, за отпорноста на екосистемите и за одржливиот развој. Беше истакнат значителниот, но сè уште недоволно искористен потенцијал за унапредување на националните стратегии и политики во тој поглед. Како дополнување на кабинетскиот дел, беа посетени неколку локалитети на трансграничниот УНЕСКО геопарк Muskauer Faltenbogen / Łuk Mużakowa, на самата граница на Германија и Полска, како пример за одлично прекугранично управување со вакво подрачје.
Во неформалниот дел на настанот, низ заедничко дружење, беа остварени разговори со повеќе експерти, претставници на европски геопаркови, евалуатори и членови на соодветни министерства. Беа разменети информации, искуства и идеи, можности за регионално вмрежување и соработка. За жал, Република Македонија и другите држави на Западен Балкан (Албанија, БиХ, Црна Гора), сеуште немаат геопарк, со исклучок на Србија, која неодамна го доби првиот УНЕСКО геопарк Ѓердап. Од соседните држави, геопарк сеуште нема ниту Бугарија, покрај неколкуте неуспешни обиди. Затоа, присутните експерти и претставници од држави во кои има поголем број геопаркови (Шпанија, Франција, Италија, Грција, Хрватска и др.), укажаа на потребата од забрзување на процесот на формирање на геопарк во Македонија, со оглед на нејзината георазновидност и уникатност. Особено ако се има во предвид дека поради „напливот“ на глобални геопаркови, критериумите на УНЕСКО, стануваат се’ построги и потешко достижни. Во тој поглед, неопходна ни е потесна соработка со соседните држави, но и со геопарковите во регионот кои важат за успешна приказна.
Во оваа пригода, не може, а да не се напомене одличната организација на настанот, извонредната логистика, од пристигнувањето на учесниците, транспортот, до сместувањето, реализацијата на сите предвидени активности, екскурзии, посети и сл. За сето тоа, особена благодарност изразувам до Регионалната канцеларија на УНЕСКО за наука и култура во Европа (и директорот г-ѓа Магдалена Ландри), Германската комисија на УНЕСКО и на вработените во УНЕСКО геопаркот Muskauer Faltenbogen / Łuk Mużakowa.
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 130 пати!







