Google Maps – одлична бесплатна навигација за мобилните уреди, од следната година достапна и за Македонија

16.05.2013

Google Maps навигацијата е софтверска апликација за мобилни уреди која е наменета за Android и iOS оперативни системи. Оваа апликација е развиена од страна на Google кон крајот на 2009 година во вид на бета (тест) верзија. Во почетокот, навигацијата беше достапна само во САД, а од 2010 година, преку верзијата 4.2 станува достапна за Британија, Австрија, Белгија, Канада и околу четириесетина други држави.
За најдобро да функционира навигацијата преку текстуално и гласовно наведување до избраната дестинација, потребна е интернет врска и постоење на GPS приемник во мобилниот уред (мобилен телефон, таблет, лаптоп). Корисникот може да пребара и да внесе соодветна дестинација (град, адреса, објект, хотел), при што се исцртува рутата од почетната точка до избраната цел. При навигацијата се добиваат гласовни и текстуални упатства за секоја промена на правецот, наидување на раскрсници, поминување покрај значајни објекти и други карактеристични точки.
Google Maps навигацијата има можност за пребарување на име на улица, адреса, потоа угостителски објекти, други објекти за посета и сето она што е внесено во огромната база на податоци во апликацијата. Интересна можност е пребарувањето да се врши со гласовни команди од корисникот, без пишување на мобилниот уред. Доста корисна опција е давање на неколку алтернативни рути до крајната цел, при што се избира онаа која е најмалку оптеретена или временски најбрза (според проточноста, бројот на семафори, густина на сообраќајот и др.). Во Google Maps постои можност за различни начини на визуелен приказ на картите и тоа: детален приказ на патната мрежа; сателитски приказ врз основа на сателитските снимки со кои што располага Goоgle и сообраќаен приказ со податоци за густина на сообракај, поставеност на камери за набљудување, ограничувања на брзината и други податоци.
Со поновите верзии на Google Maps навигацијата, овозможено е корисникот во погодно време (при бесплатен интернет) да направи снимање на содржините од картите во самиот мобилен уред за да се избегне користење на интернет врска во друга држава (роаминг) што може да биде многу скапо. Сепак, во овој таканаречен offline мод не функционира класичното пребарување на објекти и наведување, освен доколку претходно веќе биле пребарувани такви објекти, патишта и други содржини од страна на корисникот.

Иако Google Maps навигацијата е достапна за над 40 држави во светот, земјите на Балканскиот Полуостров, а со тоа и Република Македонија сеуште немаат можност за нејзино официјално користење. Кај нас може да се употребува само основната Google Maps апликација без наведување, иако се најавува дека од следната година тоа ќе биде овозможено и за овој регион. Од друга страна, ваква навигација за нашата држава би била многу детална и прецизна со оглед на огромниот број податоци кои се присутни на Google Maps за Македонија (сите населени места, речиси целосната патна мрежа, голем број на објекти и др.). Сепак, со посебна и внимателна постапка (особено за уредите со Android оперативен систем) може да се “отклучи” модулот за навигација (постапката може да се види на бројни интернет форуми) дури и за овие подрачја (со Македонија). Со тоа се добива најдобрата  бесплатна и прецизна навигација за нашата држава, Балканот па и целиот свет, без оглед дали мобилниот уред е приклучен на интернет врска или не (во offline мод). Единствено што се јавува како проблем е што засега нема гласовна навигација на македонски јазик.

На фотографиите е претставен изгледот на експериментално инсталирана и отклучена Google Maps навигација за подрачјето на Скопје. Прецизноста на самата навигација зависи од квалитетот на користениот уред и ГПС сензор, меѓутоа главно е доста добра во споредба со останатите слични апликации. Препорака на авторот е корисниците да причекаат до излегувањето на официјалната верзија на навигацијата за Македонија, бидејќи при нестручна промена или инсталација на Google Maps Navigation може да дојде до софтверско оштетување на мобилниот уред.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5905 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *