Сензационално откритие: на Mеркур покрај мраз откриени и органски материи

2.12.2012

Резултатите од истражувањата на леталото на НАСА Месинџер, потврдија дека без оглед на високите дневни температури, во осојните делови по кратерите на северниот пол на Меркур, покрај големо количество замрзната вода има и органски материи. Се претпоставува дека мразот и органските материи ги донеле кометите и астероидите пред повеќе милиони години. Истражувачите сметаат дека мразот и органските материи се во вид на катран или јаглен. Сепак, до овие резултати не е дојдено со директни анализи како што е случај со Марс и роверот Кјуриозити, туку со анализа на ласерските зраци пратени од леталото Месинџер и одбиени од површината на Меркур. Без оглед на индиректно добиените податоци, компјутерските симулации покажуваат дека темни траги од органски материи има по работ на мразната покривка, најверојатно поради негово топење и повлекување. Ова изненадувачко откритие може да има големо значење за потрагата по живот, за кој се неопходни органски материи, течна вода и извор на топлина. Иако нема цврсти докази, сосема можно е постоење на течна вода под мразниот слој, каде топлината од внатрешноста на планетата го топи најдлабокиот дел на мразот. Иако научниците не веруваат дека некогаш постоел живот на Меркур поради преголемата близина на Сонцето, сепак откривањето на органски материи може да биде исклучително значајно за расветлување на појавата и еволуцијата на живиот свет на Земјата или некои други егзопланети во Вселената. Инаку Меркур е на само околу 60 милиони км оддалеченост од Сонцето (за разлика од Земјата која е на просечни 150 милиони км) и е најмала планета со пречник од 4880 км (Земјиниот е 12740 км). Поради близината до Сонцето, површинската температура, во екваторските делови, преку ден се искачува и до 400 степени целзиусови.

Извор: http://www.dailymail.co.uk

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5496 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *