Ноќва набљудувајте го метеорскиот дожд Геминиди (Близнаци)

13.12.2012

Оваа 2012 година во астрономска смисла привршува со најспектакуларниот метеорски дожд Геминиди, кој својата кулминација ќе ја достигне вечерва (помеѓу 13 и 14 декември). Геминиди е познат како „најгуст“ метеорски дожд во годината, со просечни околу 120 метеори на час кои може да се гледаат од речиси секоја точка на Земјата. Метеорскиот дожд Геминиди се гледа од Земјата кога нашата планета минува низ вселенски остатоци – прашина и мали парчиња камења од астероидот 3200 Phaethon. Овој дожд од метеори се случува секоја година помеѓу 5ти и 17ти декември, а кулминацијата обично е на 14 декември, во раните утрински часови. Метеорите навлегуваат и летаат низ нашата атмосфера од правец на соѕвездието Гемини (Близнаци), поради што и го имаат добиено името. Бидејќи станува збор за мали „зрнца“ кои целосно согоруваат во високите делови на атмосферата, се јавува впечатлива светла трага, понегогаш проследена со слаб звучен ефект. Заради очекуваната спектакуларност, вечерва НАСА ќе го пренесува метеорскиот дожд Геминиди, а нивните камери ќе бидат поставени во центарот на НАСА во Хантсвил. Од Македонија, овој метеорски дожд најдобро ќе се гледа утре (петок) помеѓу 01 и 04 часот, со очекувани неколку стотици појави на метеори.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

 

Оваа статија е прочитана 3944 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *