Овој декември значително постуден од вообичаеното

14.12.2012

Деновиве, минималните температури на воздухот во Република Македонија се спуштаат под -10, а во некои региони и до -20 степени целзиусови. Дури и максималните дневни температури се искачуваат до најмногу 5 степени целзиусови. Според досегашните тенденции, но и прогнозите до крајот на месецот, овој декември ќе биде меѓу постудените откако се вршат метеоролошките мерења. Така, податоците покажуваат дека најниските досега измерени декемвриски температури се движат од -7,6 степени целзиусови во Дојран, потоа -17,9 степени во Скопје, -20 степени во Тетово, Прилеп и Ресен, до дури -25 степени во Македонски Брод, Битола и Берово. Интересно е што во планинските подрачја, најниските декемвриски температури не се спуштиле под -20 степени целзиусови, главно како последица на температурната инверзија и проветреноста (Крушево и Попова Шапка -18,8; Лазарополе -19,5 степени). Меѓутоа, во одредени години, декемвриските температури се искачувале и доста високо, достигнувајќи 12 степени во Попова Шапка, 13,4 степени во Лазарополе, 19,7 степени во Дојран, 21,5 степени во Скопје, Валандово и Гевгелија, до дури 25 степени во Струмица. Сепак, најчесто декември бил умерено студен, помеѓу наведените крајности и во границите од -5 до 10 степени целзиусови. Оваа година пак, декемвриските температури се поблиску до ниските отколку до просечните вредности.
Вака ниските декемвриски температури, но и големите контрасти помеѓу високите летни и ниските зимски температурни вредности во последните години се резултат на „пореметената“ атмосферската циркулација над Северна Европа и Арктикот. Сето тоа пак е последица од глобалните климатски промени и нивниот локален ефект, кој ќе стане уште поизразен во следните години. Заради тоа (посебно во однос на претераното топење на арктичкиот мраз во текот на летото) се очекува оваа зима да биде доста студена и снежна, особено во месеците јануари и февруари. Како и да е, ќе треба да се привикнуваме на големите температурни аномалии во текот на годината кои ќе бидат карактеристични за годините што доаѓаат.

Извори:

Лазаревски А. (1993): Климата во Македонија, Скопје

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3390 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *