Дали знаете како се мери височината на снегот?

16.12.2012

Доколку не сте знаеле, за метеоролошко мерење на височината на снежната покривка се користат два вида снегомери: постојан (статичен) и подвижен (мобилен). Во двата случаи местото на кое се мери височината на снегот е точно одредено и не се менува. Тоа е со цел да има постојаност и споредливост во мерењата. Мерното место пак треба внимателно да се избере за да ја одразува што е можно поблиската средна вредност на височината на навејаниот снег. За да се добие реален просечен резултат, обично се врши мерење на 3 „профили“ поставени во вид на триаголник и меѓусебно оддалечени по 10 метри. Во сите останати случаи, мерењата можат да бидат субјективни, нереални, преценети (ако се мери во навевна страна) или потценети.
Инаку, постојаниот снегомер се користи за редовни мерења на височината на снежната покривка во метеоролошките станици и на места каде снегот е редовна зимска појава. Подвижниот снегомер пак, се употребува за мерење на височината на снежната покривка на места каде снегот е поретка појава или пак има вонредна потреба од такви мерења (заради сообраќајни цели, во зимско-спортски центри и слично). Ваквиот снегомер може да се користи и во метеоролошките станици доколку нема постојан инструмент или доколку истиот е оштетен. Постојаниот снегомер се изработува од дрвена летва со должина од 1-3 метри, во зависност од можната или максимално очекувана височина на снегот на местото на мерење. При мерење на височината на снежната покривка или снежни наноси, подвижниот снегомер се забива вертикално во снегот се до подлогата, а потоа се исчитува вредноста на височината во сантиметри. Височината на новиот снег навеан во последните 24 часа се исчитува во 7 часот наутро по локално време. За аматерски цели, височината на снегот може да се измери и со разни други прирачни средства, летви, стебла, лењири, цврсти метални шипки и сл. Во последно време има и автоматски мерни инструменти кои со помош на сензори и ласери ја мерат височината на снегот, а податоците ги испраќаат преку мобилни мрежи до метеоролошкиот центар.
Количеството на навејан снег може да се измери и изрази и во вид на „воден еквивалент“ односно со топење на снегот во дождомерот (дождомерната станица), така што се пресметува колку милиметри воден талог се добива од стопениот снег. Тоа количество се смета како дел од вкупното количество на врнежи во текот на годината.
На крај да споменеме дека светскиот рекорд во височината на снежната покривка го држи скијачкиот центар Маунт Бакер во државата Вашингтон во САД, каде во зимата 1998/1999 година наврнало фантастични 28,9 метри снег. Претходен рекордер е соседната планинска област Mount Rainier, каде во зимата 1971/72 година наврнал снег со дебелина од 28,5 м. Навистина дебела снежна покривка е забележана и во Јапонија на планината Ибуки во 1927 година од 11,8 м, а со над 10 метри на неколку места во Норвешка, Канада и други. На Балканскиот Полуостров пак, рекордери по дебелина на снежна покривка се словенечките Алпи и Триглав (Кредарица) со над 2,5 м. Во Македонија, се смета дека најголема снежна покривка има во Маврово и други делови од планината Бистра, потоа на планината Кожуф и на Шар Планина со височина до 2 м.

Автор: д-р Ивица Милевски 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *