28.08.2012
НАСА ги објави првите спектакуларни фотографии во боја и висока резолуција, кои ги сними роверот Кјуриозити. На нив се забележуваат слоеви на карпи во подножјето на планината Шарп, кои ќе бидат истражувани во наредниот период. Деталниот преглед на фотографиите покажува колку е разновиден геолошкиот состав на овој простор. Така, покрај песочни дини со црна до црвеникава боја во подножјето (што укажува на различниот минеролошки состав), повисоко има поцврсти слоеви на стари, веројатно седиментни карпи, а се чини дека е присутен и глинест материјал настанат во водена средина. Интересно е што повисоките (помлади) слоеви се повеќе наведнати во однос на оние во подножјето, додека на Земјата обично е обратно, односно постарите слоеви се подеформирани од помладите. На фотографиите се гледаат груби парчиња со остри рабови, но и заоблени камења со различна боја, потекло и начин на образување. Заради сето тоа, со нетрпение се очекуваат првите резултати од анализите. Целиот
овој простор се наоѓа на јужната хемисфера, близу Марсовиот екватор.
Според планот, роверот за околу година дена треба да дојде до својата одредишна точка на падините од планината, речиси 10 км од местото на слетување. Таму ќе се бараат траги од органски материи, минерали и други знаци за можен некогашен или денешен развој на живот. Научниците велат дека Кјуриозити веќе до сега на Марс собрал повеќе податоци за површината на Марс од сите претходни ровери заедно. Покрај испратените фотографии, роверот емитуваше прва снимка на човечки глас на друга планета: честитка на тимот на мисијата од шефот на НАСА Чарлс Болден.
Извор: http://www.dailymail.co.uk
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 3039 пати!





