Според просечната височина, Македонија е меѓу највисоките држави во Европа!

12.09.2012

Со помош на повеќе современи дигитални модели на теренот и со употреба на посебен софтвер, пресметана е просечната надморска височина на Република Македонија која изнесува 832 м. Како основа е користена четвртата корегирана верзија на 3″SRTM (Shuttle Radar Topography Mission) 90-метарскиот дигитален модел на теренот, која во границите на нашата држава содржи близу 5 милиони точки. Како контролен модел се користени првата и втората верзија на ASTER GDEM, како и SRTM-X дигитален модел на теренот – двата со резолуција од 30 метри. Пресметките покажаа дека средната височина на државата изнесува 832 м, но постои значителна разлика помеѓу западниот дел (западно од реката Вардар и кумановско-прешевскиот превал) и источниот дел. Така, западниот дел има просечна височина од дури 935 м, додека источниот 662 м.
Според просечната надморска височина, Македонија е на петото место во Европа. Пред неа се само малата високопланинска држава Андора која има просечна височина од 1996 м, потоа Швајцарија со 1305 м, Црна Гора со 1040 м и Австрија со 935 м. Инаку, сите држави на Балканскиот Полуостров освен Црна Гора се просечно значително пониски од Македонија (Албанија 708 м, Босна 670 м, Словенија 557 м, Грција 505 м, Бугарија 470 м и др.).

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5220 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *