Катастрофални последици од незапамтената суша на Балканскиот Полуостров!

9.09.2012

Незапамтената суша која го зафати Балканскиот Полуостров повеќе од 3 месеци, предизвика огромни последици во овој регион. Родот на земјоделските култури е преполовен, водата во вештачките акумулации е на минимум. Според првичните проценки од повеќе институции, штетите надминуваат 2 милијарди евра. Само во Србија, која е најмногу погодена со сушата, штетите поради намалениот род на пченката и другите култури се проценуваат на 1-1,5 милијарди евра. Тоа ќе донесе значително поскапување на храната во оваа држава и покрај преземените мерки за санација. Ништо подобра не е состојбата ниту во Босна и Херцеговина, каде штетите само во земјоделството се проценети на над половина милијарда евра. Земјоделците веќе бараат помош и поддршка од државата, бидејќи речиси 40% од производството им е уништено. Во Хрватска пак, штетите од сушата во земјоделството се проценуваат на најмалку 300 милиони евра. Најзагрозена е Славонија каде родот на пченката е уништен и до 70%, а слично е и со шеќерната репка, сојата и останатите култури. Неповолна е состојбата и во Црна Гора и Македонија, каде родот е речиси преполовен. Проблеми има и во сточарството поради уништената тревна вегетација. Сето наведено оди во прилог на драстично поскапување на земјоделските култури и производи, особено пченката, пченицата, шеќерот, потоа сточарските производи (месото, млекото) и др. Всушност, според извештајот на Обединетите Нации, оваа година поради лошите климатски прилики се очекува силен глобален раст на цената на храната, а некои региони како Балканот ќе бидат особено погодени.
Освен последиците врз земјоделското производство, многу неповолна е и хидролошката состојба посебно во однос на водните акумулации. Тоа пак може да се одрази врз производството на електрична енергија и нејзин недостиг во есенскиот и зимскиот период.
Важно е да се споменат и стотиците пожари ширум Балканот, посебно во западниот дел на полуостровот (Србија, Хрватска, Македонија, Грција). Уништени се пространи шумски површини, ангажирани се огромен број луѓе, технички средства, авиони и хеликоптери за гаснење. Сето наведено уште повеќе ги зголемува проценетите штети од ова може да се каже катастрофално лето. Иако не треба да се гледа песимистички, сепак сите климатски сценарија укажуваат дека жешките лета на Балканот ќе стануваат се почести во идниот период. Затоа е неопходно да се спроведат цела низа на превентивни мерки, инаку овој регион ќе се судри со големи тешкотии.

Автор: д-р Ивица Милевски

 

Оваа статија е прочитана 5101 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *