Што се метеори и зошто светат во различни бои?

6.02.2020

Метеорите се најмали темни и ладни небесни тела во Сончевиот систем, кои за време на ведрите ноќи ненадејно се појавуваат во форма на светли точки и брзо прелетуваат од еден на друг крај на небото. Кога на својот пат, Земјата ќе наиде на метеори, тие со голема брзина од 10 до 80 km/sec влегуваат во нејзината атмосфера, при што поради отпорот, односно триењето со атмосферата, се усвитуваат и согоруваат пред да паднат на Земјината површина, оставајќи зад себе светла трага. Затоа меѓу народот се познати под името „ѕвезди што паѓаат”.  Метеорите најчесто стануваат видливи на висина од околу 120 km, но влегувајќи во атмосферата на Земјата, која им дава отпор, тие губат дел од својата кинетичка енергија, која преминува во топлинска. Поради нагло загревање, доаѓа до усвитување на метеорот до околу 2500°С. Притоа, тој свети и испарува додека не согори, се распаѓа и на својот пат паѓа на Земјата. Во таа прилика, делумно го јонизира воздухот околу себе. Често се случува метеорот да се појави во облик на голема топка која останува кратко време во атмосферата и по исчезнувањето на светлината. Таа појава се вика болид. Најсилна светлина болидите имаат на висина од 50-60 km. Појавата на болидите често ја следат шумови, остар виеж и доста светла трага која е видлива 10 до 20. Со приближување кон Земјата, брзината на болидите се намалува, при што доаѓа до нивно согорување, а понекогаш се јавува и силна експлозија и распрснување во ситни парчиња, од кои некои паѓаат на Земјината површина како ладни и темни тела. Метеорите – парчиња кои ќе паднат на Земјината површина се викаат метеорити. Тоа значи дека по појава на болид не мора да падне метеорит, додека пак на паѓањето на метеорит му претходи болид.

Понекогаш метеорите се јавуваат во голем број и тогаш формираат „метеорски дождови“, кои се едни од највпечатливите спектакли на небото. Ваквите појави носат уникатно искуство за вљубениците на ноќното небо. Метеорските дождови се случуваат неколку пати годишно, и тоа кога Земјата поминува низ облаци од астероидна или кометска прашина (ја сече кометската опашка).

Како и да е, метеорите можат да се појават во најразлични бои ако условите за гледање се јасни. Бојата на светлината што метеорите ја произведуваат зависи од нивниот хемиски состав. Различни елементи во метеорите, при своето согорување низ атмосферата на Земјата, произведуваат различни бои. На пример, метеорите составени од калциум оставаат виолетова трага, додека оние составени од магнезиум обично имаат зеленикава боја. Метеорите пак, кои во својот состав содржат азот и кислород имаат црвенкаста светлина, оние кои содржат железо имаат жолта, а оние со натриум портокалава светлина. Составот на еден метеор не е единствениот фактор што ја одредува бојата со која се појавува. Брзината со која метеорот влегува во атмосферата на Земјата исто така може да влијае на бојата. Колку побрзо се движи, толку поинтензивна е сјајноста и бојата. Најчесто бавните метеори се црвени или портокалови, додека брзите метеори имаат сина боја.

Еден од најспектакуларните метеорски дождови, Геминиди, кој се јавува секој декември е познат по интензивните бои на одделните метеори, кои се варираат од нијанси на жолта, портокалова, а понекогаш и зелена боја. Персеиди пак, е уште еден впечатлив метеорски дожд, што се појавува секој август и има изразито живописни бои.

Бидејќи метеорските дождови се јавуваат периодичо во одредени денови од годината, очигледно е дека тие се движат околу Сонцето по затворени патеки, кои Земјата секогаш ги пресекува на исто место од својата орбита. Годишно на нашата планета паѓа околу 20.000 тони метеорски материјал, најчесто во вид на прашина. Многу поретко, паѓаат крупни метеорски камења, кои можат да создадат и кратери на површината.

Извори: Милевски И. (2012): „Земјата и вселената“, универзитетски учебник; www.accuweather.com/en/weather-news/why-do-meteors-glow-in-vibrant-colors/433610

Изработиле: Бојана Алексова и Ивица Милевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *