Сонцето е најтопчест досега познат природен објект!

19.08.2012

Анализирајќи ги податоците од сателитот на НАСА наречен Соларна Динамичка Опсерваторија (SDO), научниците дојдоа до интересно сознание: Сонцето е најтопчесто природно тело што воопшто е забележано до сега.
Споменатиот сателит лансиран во 2010 година има неколку многу прецизни камери насочени кон Сонцето, кои за прв пат овозможија извонредно детални снимки на сончевиот диск. Со камерите се направени над 50.000 фотографии во висока резолуција за период од две години. Нивната анализа покажа дека Сонцето е речиси идеално топчесто, што изненади многумина. Претходно се сметаше дека обликот на Сонцето циклично варира и дека поради гасовитиот состав и ротацијата од околу 25 дена, мора да има елиптичен изглед, слично на џиновските планети Јупитер и Сатурн. Меѓутоа се испостави дека разликата помеѓу „најиспакнатите“ и „највдлабнатите“ делови е занемарливо мала. Ако би замислиле дека  Сонцето е големо колку топка со пречник од 1 метар, оваа разлика би изнесувала само 0,017 милиметри или помалку од широчината на влакно од коса! Се смета дека за таквиот правилен облик најголемо влијание имаат подповршинските соларни сили и големата турбуленција на врелата материја во внатрешноста, кои го „анулираат“ влијанието на ротацијата и магнетизмот.

Извор: http://news.nationalgeographic.com/news

Подготивл: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4405 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *