Памуккале – феноменот на Турција

16.11.2011.   Едно од најинтересните места што ги создала природата, не само во Турција туку и во светски рамки е Памуккале (Памукале). Се наоѓа 18 km североисточно од градот Денизли (во истоимената провинција), т.е. околу 200 km југоисточно од Измир (во југозападниот дел на Турција-оддалечен од Средоземното Море 80-тина km.). Сообраќајните врски се доста добри, така што пред влегувањето во Денизли, од главниот пат се одвојува еден современ асфалтен крак што води директно до Памуккале. Самото име на местото, потекнува од турските зборови pamuk и kale или тврдина од памук, а поради реткиот природен феномен, т.е. поради големото пространство на исталожен травертин кој има изразита беличеста боја. Белината која оддалеку наликува на густо распоредени облачиња, со приближување се оформува во вистински свет на бели фигури, столбчиња, басенчиња и др. Така посетителите кои доаѓаат од разни краишта, на почетокот се збунети од изгледот и белината на просторот кој ги асоцира на зимски пејсаж. Но набргу сфаќаат дека станува збор за ,,отворена пештера богата со накит и басенчиња,,. Најубавиот впечаток се добива за време на залезот на сонцето, бидејќи таква разиграност на природниот колорит, тешко може да се воочи на друго место. Ваквата убавина и единствениот феномен, ги привлекувала луѓето многу одамна. Затоа овој простор бил населен уште во античко време и тука егзистирал малиот римски град Хиераполис, чии остатоци доста добро се сочувани до денес. Појавата е толку интересна и единствена, што дури понекогаш за Памуккале се вели дека е осмо светско чудо.

Во создавањето на оваа ретка природна појава, главно учество имале геолошките, тектонските и хидролошките услови. Овој простор е изворишен дел на неколку поточиња кои се спојуваат а потоа се влеваат во реката Мендерес, која е најголема река во областа. Долината на реката Мендерес (која се влева во Егејското Море) е доста интересна и всушност е предиспонирана со поголем расед. Покрај овој главен расед, се јавуваат и неколку помали, напречни раседи, а дел од нив се сечат  точно во просторот каде се наоѓа Памуккале. Тоа е причината за појава на повеќе топли извори чии води формираат неколку поточиња. Поради карактерот на карпестата подлога, од каде што избиваат изворите, изворската вода содржи растворени карбонатни состојки, а воедно изобилува со CO2. Топлата но бистра вода со температура од 35°C, слевајќи се кон подножјето, го таложи калциумот, а при тоа се испушта и јаглеродниот диоксид. Со тоа, постепено преку карпите во основата, на поголема површина се исталожува бела карбонатна материја (слично како формирањето на пештерскиот накит, само што овде, процесот се одвива на површината). Во подножјето, потоците се соединуваат и ја градат реката Лукос, која пак се влева во најголемата река во областа-Мендерес. И самата река Мендерес е доста живописна, а нејзините води завршуваат во Егејско Море. Од јужната страна, просторот е заграден со планината Бабадаг. На југоисток е планината Холоз, висока 2751 м, која во антиката била нарекувана „Планина Кадмос“. Овој простор сеизмички е доста активен, а неколку пати со силни земјотреси (за време на владеењето на Нерон, Антониус Пиус, Александар Македонски и др.) градот Хиераполис бил скоро целосно уништен. Постои голема можност ваквите природни катастрофи да го смениле текот на потоците. Во некои подземни пукнатини се натрупуваат гасови, кои понекогаш преку помали експлозии избиваат на површината. Така Џиновата дупка во храмот на Аполон, е место каде може да се набљудува неговото постоење. Се случува при избивањето на гасовите да страдаат и некои животни, посебно птиците.

Карактеристичниот физичко-хемиски состав, на водата и дава лековити својства. Тоа било познато многу одамна, па и некои владетели доаѓале за да се капат во травертинските басенчиња т.е. езерцата кои се формирани во нив. Водата главно служи за третман на кардио-васкуларни пореметувања, артериосклероза, крвен притисок, нервни растројства, проблеми со кожата, како и дигестивниот тракт. Посебно значење има ефектот што водата го врши врз кожата. За тоа сведочат и повеќе легенди. Така, една легенда вели дека некоја девојката чија убавина не била баш за фалење, а и никој не сакал да ја запроси, решила да стави крај на своите маки, да си го одземе животот фрлајќи се во базените на Памуккале од голема височина. Но се случило чудо. Таа не само што не се повредила, туку излегла од водата со неверојатна убавина. Тоа го забележал и еден принц кој случајно минувал во близината и по глетката што ја видел, решил веднаш да ја запроси. Во оваа легенда има и дел вистина бидејќи водата има подмладувачки ефект врз човековата кожа т.е. истата ја регенерира. Интересни се и изворите на Карахајат, оддалечени околу 5 километри од Памуккале. Имено тие немаат високо учество на CO2, но се многу потопли т.е. со температура од 60°C, а радиоактивноста им е 2-4 емани. На оддалеченост од 4 км од Памукале, се наоѓа и лековита мил, која исто така се користи за балнеолошки цели, а нешто подалеку е топлиот извор Теки. Ова богатство со термоминерални води било користено уште од староантичко време. Остатоците од старите терми се доста добро сочувани а дел од нив со мала реконструкција се доведени во употреблива состојба.

Сето претходно кажува дека просторот на Памуккале, со својата природна уникатност и богатството на културно-историски споменици би требало да биде задолжителна дестинација на секој љубопитен посетител на Турција.

Подготвено од: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 15178 пати!

2 thoughts on “Памуккале – феноменот на Турција

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *