31.07.2020
На само неколку километри од центарот на Скопје, сместено помеѓу планината Сува Гора на запад и природниот резерват „Јасен“ на исток, се наоѓа едно од најголемите вештачки езера во Македонија – Козјак. Имео на езерото е дадено според највисокиот врв во близина на браната, меѓутоа локалното население смета дека многу посоодветно би било да се вика Поречко Езеро, со оглед на областа каде се наоѓа. Езерото Козјак е долго 32 km, достигнува длабочина и до 130 m, а максималното растојание од едниот до другиот брег изнесува 400 m. Се наоѓа на идеална надморска височина од околу 300 m. Водите на реката Треска кои го напојуваат езерото, се вбројуваат меѓу најчистите води на Балканот. Езерото зафаќа површина од 13.5 km², а акумулира 570 милиони m³ вода. Има богат рибен свет, меѓу кои најчесто се среќаваат: кленот, виножитната пастрмка, мрената, боцкалката, попадиката, крапот, вардарката, скобустот и поточната пастрмка. Природниот резерват Јасен, долго време претставуваше привилегија само за политичари и угледни странски гости и затоа сè уште е малку познат предел во државава. Откако се отвори за јавноста, прерасна во атрактивно место за изградба на викенд-населби, а една од новоизградените е Близанско.
Поради чистата еколошка средина, близината на главниот град Скопје, атрактивната локација, убавините на езерото, на некои делови покрај брегот на езерото, се градат цели елитни населби со приватни плажи. Браната Козјак, клисурата на реката Треска, дивечот, ендемските растенија и бројни други атракции, го прават овој предел магнет за туристите. Сепак, неопходно е подобрување на патната инфраструктура, со цел полесна пристапност до езерото. Поради својата значителна должина, но и длабочина, езерото Козјак претставува идила за рекреативци, планинари, велосипедисти и посетителите кои имаат можност да уживаат во чистиот планински воздух и недопрената природа. Тоа е атрактивно за пловење на мали пловни објекти од туристички карактер, со цел разгледување на езерото, но и за риболов.
Една таква авантура имаше и авторот на овој текст, во придружба на вљубениците на природата и сопствениците на поголемо рибарско кајче, Никифор Пандурски и Драган Коруновски – Шуц. Рано наутро, при извонредно убаво време, со кајчето тргнавме во разгледување на езерото и тоа од заливот кај самата брана, па преку подрачјето на с. Здуње, до с. Близанско. Разгледувањето на езерото по воден пат, претставува едно ново и извонредно искуство, со оглед на тоа што може да се видат најубавите предели во овој слабо познат и недопрен рај во Македонија. Особено импресивни се карстните терени во мермери, од браната до с. Здуње.
По страните на клисурата се гледаат бројни отвори на пештери, голи и стрмни карпести отсеци и фасцинантни остенци со различни форми. Речиси по целата должина од околу 15 km (во еден правец), сонарот покажуваше длабочина на езерото помеѓу 30 и 70 m. На некои места длабочината нагло се зголемува на само неколку метри од брегот, и тоа до извонредни 60 до 80 m. За време на ова интересно патешествие, се уверивме и во богатиот рибен фонд со кој располага езерото. Така, за неколку часа искусните рибари кои не придружуваа на овој пат, уловија 6 крупни парчиња пастрмки и еден клен. Пред да се вратиме назад, направивме куса пауза кај пристаништето и полуостровот на с. Близанско, од каде се протега извонреден видик кон овој дел на Порече. Не бевме изненадени од тоа што имаше доста посетители, меѓутоа не изненади големиот број на мали диви депонии, со кои беше деградирана природата.
Сепак, севкупно се вративме со извонредни импресии и со надеж дека туризмот на ова езеро ќе биде многу поразвиен, а посетителите не само што ќе уживаат во преубавите предели, туку и максимално ќе ја чуваат природата и нејзините фасцинантни вредности.
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 5957 пати!