Езерото Гратче и неговите атрактивности

22.07.2020

Вештачкото езеро „Градче“ е сместено во подножјето на Осоговските Планини во извонредно живописна клисура, со мошне атрактивна околина и се наоѓа на околу 6 km северно од градот Кочани. Ова место е полн погодок кога се работи за одмор и пронаоѓање на мир и спокој од секојдневната градска бучава и напорен живот кој е составен дел од секојдневието. Шест километри возење низ природата северно од градот на оризот ве делат од малиот рај на земјата. Овој предел, со оглед на фактот што е далеку од градот се карактеризира со мир, свеж воздух и прекрасна природа. Во околината на езерото постојат над 30 природни извори на вода.

Интересен податок е што на територијата на сегашното вештачко езеро, некаде пред педесетина години се наоѓало селото Долно Градче, но тогашните власти со цел да го заштитат Кочани од постојаните поплави од надојдените води од Осоговијата решиле да изградат брана на местото наречено „Рамна карпа“ кое се наоѓало веднаш под селото и било идеално. Сите жители на селото биле раселени, некои во околните села, некои во градот Кочани. Во близина на браната се наоѓа и археолошкиот локалитет „Долно Градиште“, за кој археолозите наведуваат дека градбите во склоп на наоѓалиштето водат потекло од времето на Пајонија и Македонија од времето на Филип Втори. На самиот мост на браната се наоѓа споменик – плоча во чест на изградба на браната. Со мостот лесно се преминува од едниот на другиот брег.

Езерото Градче е создадено во 1959 година, по изградбата на армирано-бетонска брана висока 32 m, со која е преградена Кочанска Река. Езерото при максимално ниво (кота од 467 m н.в.) е долго 1.2 km, широко 0.2 km, а должината на бреговата линија изнесува околу 3.5 km. Површината на водното огледало, просечно изнесува 0.19 km2, максималната длабочина е 29 m, а зафатнината на акумулираната вода од 2.4 милиони метри кубни. Водата од езерото се користи за водоснабдување на градот Кочани, а во помал дел и за наводнување на Кочанско Поле. Инаку, самото езеро исполнува дел од долината на Кочанска Река на влевот на Мала во Голема Река, простор кој е геоморфолошки многу интересен. На мостот на брана Гратче постои споменик-плоча во чест на изградбата на браната. Постојат и други интересни знаменитости, како изворот на Боро лимонадџијата, кој пред 30 години речиси секоја ноќ во летните денови одел до Царев Врв за набавка на снег за ладење на лимонадата. Исто така, интересен е „Големиот Водопад“ висок 12-тина метри, кој всушност настанал како резултат на човечка градба. Имено, во 1958 година била изградена помошна брана од камени блокови чија функција била да спречи нагло надоаѓање на вода кон местото „Рамна скала“, каде што се градела денешната брана. Од надојдените гранки, камења и земја, помошната брана почнала да се полни со почва, па така со текот на годините се создал прекрасен водопад со висина од дванаесеттина метри од водите на Голема река, од каде овие води се слеваат во вештачкото езеро. Водопадот е оддалечен од хотелот Градче нешто повеќе од 1 km, но со следење на патоказите поставени на патот кој води до водопадот, лесно се стигнува до него. Со оглед на близината до градот, поврзаноста со асфалтен пат (кој, сепак, не е во соодветна состојба) и прекрасната природа, Градче претставува одличен туристички локалитет.Има многу места што можат да се видат во околината на езерото Гратче.

Интересно е дека самото езеро може да се заобиколи по планинарските пешачки патеки, со оглед на тоа што брегот има должина од само 3,5 km. Повисоко на планината има видиковец, близу до езерото се наоѓаат водопади и патека до споменикот „Мактеон“. Од другата страна, може да се посети и црквата Св. Пантелејмон, додека на северната страна од езерото се наоѓа археолошкиот локалитет „Долно Градиште“. Во функција на посетителите, на западниот брег на езерото се наоѓа хотелот „Градче“ кој има прекрасен поглед на езерото и на природата околу него, а близу хотелот, на самата брана на вештачкото езеро се наоѓа и стариот мотел со прекрасна тараса која е само неколку метри над нивото на водата.

Извор: www.vodopadikocani.mk

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3481 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *