8.10.2017
Модерниот и динамичен начин на живот на човекот го доведува до соочување со најразлични природни и антропогени процеси за кои е потребен пристап до бројни информации и податоци. За таа цел, неопходно е истражувања на нови технологии за различни проблематики.
Пред неколку години, на Институтот за географија е воведена нова насока ГИС (географски информациски системи) каде што покрај останатите стручни предмети се изучува и предметот далечинска детекција.
Далечинска детекција е методологија и технологија на собирање на дигитални податоци преку сензори со помош на електромагнетни бранови без физички контакт. До неодмана, овие сензори беа поставени глабно на сателити, авио – платформи, аеро – балони, но во последните години за та цел се почесто се користат малите беспилотни летала, или популарно наречени дронови.
Токму минатата недела, на Институтот за географија беа успешно одбранети две дипломски работи во кои се обработува користењето на дроновите за далечинска детекција и можностите кои се на располагање во Република Македонија
Во првата дипломската работа под наслов: „Примена на мали беспилотни летала во далечинска детекција во Република Македонија“ колешката Билјана Бабаноска дава конкретни примери и објаснувања за потенцијалните можности за употребата на дроновите во нашата држава. Особено се осврнува на тоа како беспилотните летала опремени со различни типови на камери или сензори може да се користат за мониторинг на животната средина, за мониторинг на квалитет на воздухот, мониторинг на поледелски култури, за мониторинг на природни непогоди, како и за собирање на аерофото снимки.
Во втората дипломската работа „Примери за теренско моделирање во далечинска детекција со помош на дрон“ од колегата Антонио Трајков обработена е примената на малите беспилотни летала за креирање на дигитални 3D модели на терен и објекти, како и можностите за понатамошни анализи на креираните модели. За појасен приказ на можностите на беспилотните летала при 3D моделирање и теренски анализи, дадени се и неколку конкретни примери.
Со оглед на се поголемата достапност на дроновите поради падот на цената и подобрување на нивните технички карактеристики, треба да очекуваме наскоро овој начин на аквизиција на податоци во Република Македонија да биде многу позастапен. За сега како проблем е релативни малиот домет на дроновите (максимално до 5 km), но често пати и тоа е сосема доволно за снимање на помали подрачја, добивање на детални податоци, 3D моделирање и разни други апликации.
Според моите сознанија, ова се меѓу првите дипломски работи во нашата држава кои мошне обсежно и низ примери ја третираат практичната употреба на дроновите, со светските искуства и одредени искуства од Република Македонија.
Подготвил: Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 9330 пати!