22.09.2016
По просечно топлото и релативно врнежливо лето во Република Македонија, денес на 22 септември, во 16 часот и 21 минути по средноевропско време, започнува есента. Овој ден на северната хемисфера е есенска рамноденица, а на јужната пак пролетна рамноденица (таму почнува пролетта), односно денот и ноќта траат подеднакво (еквиноциумски ден). Всушност поради влијанието на атмосферата и прекршувањето на сончевите зраци низ неа, денот ќе трае за околу 10 минути подолго (вистинска рамноденица ќе биде на 24-25 септември).
Денес Сонцето ќе излезе околу 6 часот и 27 минути точно на исток, а ќе зајде околу 18 часот и 37 минути точно на запад. Оддалеченоста на Земјата од Сонцето е 150,1 милиони km или близу просечната вредност.
Есента ќе трае 91 ден и ќе заврши на 21 декември во 11 часот и 44 минути, кога кај нас и на северната хемисфера ќе започне зимата. Тоа значи дека до 21 декември, ноќта ќе се зголемува до 15 часа, а денот ќе се намали на само 9 часа.
Инаку оваа лето во Македонија и на Балканскиот Полуостров беше просечно топло и врнежливо, со што воопшто не се остварија прогнозите на NOOA и Accuweather за Балканскиот Полуостров, дадени претходно на ИГЕО. Максималните температури само неколку пати се приближија до 40 степени и тоа во јужниот дел по долината на реката Вардар. Сепак, во светски рамки дури и ова лето беше меѓу потоплите во последните децении. Според најновите долгорочни прогнози (кои треба да се земат со одредена резерва), се очекува есента на Балканот да биде топла, сушна, со чести продори на воздушни маси од северна Африка (www.stirimeteo.com). Според NOAA и Accuweather, во ноември се очекуваат зачестени појави на врнежи, невреме и зголемен ризик од свлечишта и поплави.
Како и да е, следните 3 месеци може да уживаме во пријатните и релативно топли есенски денови.
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 3862 пати!