Погледнете како се намалуваат шумските површини во светот во реално време!

23.02.2014

шумииОвие денови, Google во соработка со WRI (World Resources Institute; Институт за светски ресурси), постави карта на зголемување или намалување на подрачјата под шуми во Светот во текот на еден месец, година или повеќе години. На тој начин, промените се прикажуваат речиси во реално време. Картата е базирана на податоци од Google Maps, Google Earth, како и анализи од тематски сателитски снимки на НАСА. Всушност, податоците за промените (позитивни и негативни) на површината под шуми се темели на автоматизирани обработки на сателитски снимки. Целта на иницијативата е да се даде можност на владините, невладините, научно-образовните и другите институции навремено да ги согледуваат промените и брзо да реагираат. Инаку, картата покажува дека од 2000 година од кога има податоци, до денес, шумите исчезнуваат со забрзано темпо, така што се изгубени 230 милиони хектари под шуми. За сметка на тоа, новообраснатите шуми се речиси незабележителни (само 80 милиони ха). Само во 2012 година, во Светот се уништени 20 милиони хектари под шуми. Најголема загуба има во тропскиот појас на џунгли (Амазонија, Конго, Индонезија), или таканаречените „бели дробови на Земјата“ што е навистина загрижувачки. Постои можност на картата со исцртување на полигон (Analytics) да се ограничи некое подрачје и да се добијат информации само за него. Така, доколку се ограничи само територијата на Република Македонија, ќе се добие дека од 2000-2012 година се уништени шуми со површина од 305 ха, а во ист период, нови шуми покриваат само 108 ха.

Порталот со динамичната карта можете да го погледнете овде.

шуми

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 7436 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *