Најновите податоци покажуваат: просечниот наклон на Македонија е дури 15,1 степени!

19.12.2013

demВо минатите неколку месеци, за истражувачки цели извршивме значително усовршување на 30-метарскиот дигитален модел на релјефот (ASTER) за подрачјето на Република Македонија. Постапката е изведена преку т.н. двојна бикубична интерполација на оригиналните 30-м ASTER GDEM, 30-м X-SAR DEM и 90-м SRTM DEM, а како контролен е користен дел од 20-м дигитален релјефен модел на АКН (Агенција за катастар на недвижности на РМ). Како резултат е добиен доста прецизен 20-метарски модел на релјефот на нашата држава, кој според одредени параметри е подобар дури и од самиот 20-метарски модел на АКН. Истиот се состои од околу 65 милиони рамномерно распоредени висински точки. Споредбените резултати на сите постоечки модели кои ја опфаќаат државната територија, покажуваат голема точност, особено во однос на морфометриско-топографските податоци.

nakloniТака, според новиот суперинтерполиран 20-метарски модел, просечната надморска височина на Република Македонија изнесува 829,7 метри, што е многу блиску до претходните вредности добиени софтверски или од топографски карти (829-832 м).

Просечниот наклон пак на целата државна територија, според овој модел е 15,1 степени, што е значително повисока вредност од претходните пресметки (13,5 степени). Од дадената вредност произлегува дека Република Македонија има меѓу највисоки просечни наклони на теренот во Европа, односно е меѓу најстрмните држави.

Инаку, сите податоци од моделот се споредени со мали контролни тест-подрачја на топографска карта во размер 1:25.000, при што е утврдена извонредно висока точност. Затоа очекуваме во идниот период, овој модел да биде искористен за бројни истражувања на релјефот и топографските карактеристики на Република Македонија.

Автор: д-р Ивица Милевски

 

Оваа статија е прочитана 6088 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *