Интересни релјефни форми: Томболо

06.11.2012

Томболо претставува мал полуостров кој настанува со акумулативно дејство на морските бранови. Оваа релјефна форма се појавува кај крајбрежните плитководни подрачја каде се зближуваат две копна (помеѓу два острови или остров  и континентален дел). Томболото настанува под влијание на брановите, кои движејќи се кон малиот остров што е испред континенталниот дел (поголема копнена површина), скршнуваат т.е. го забиколуваат островот и се судруваат меѓу двете копна. На местото каде се судруваат брановите, доаѓа до таложење на транспортен материјал (песок и чакал) и формирање на еден вид на подводен праг. Со се поинтезивното таложење, подводниот праг нараснува и како крајна фаза започнува да се појавува како песочен бедем или тесен песочен појас кој ги поврзува двата острова (копна).  На овој начин малиот остров се спојува со поголемиот (поголемата копнена површина) и станува дел од него т.е. негов полуостров – Томболо. Овие релјефни форми се среќаваат секаде низ светот, каде се исполнуваат претходно наброените фактори на постанок. Па така томболите се застапени на сите 6 населени континенти, нормално исклучок е Антартик кој целосно е под мразна маса. Инаку оваа релјефна појава во голем број се среќава на Австралиското копно (источен брег), Северна Америка (источен брег) и на бреговите на Јапонските острови.

Во Австралија со сигурност  меѓу најатрактивните релјефни форми од ваков вид е томболото Барењои, кое се наоѓа на источниот брег од Австралија, во сојузната држава Нов Јужен Велс, одалечен 40 км северно од градот Сиднеј. Посебна одлика на овој полуостров (томболо) е истоимениот светилник, кој овде се среќава од  1881 година, кога е изграден во служба на Британските колонизатори. Инаку битно е да се напомне дека томболото Барењои е ставено под заштита, претставува дел од националниот партк Ku ring gai chase.

Томболото – ,,Ангелски пат‘‘ е една од најатрактивните дестинации на Јапонскиот остров Сходо. Имено овој остров се наоѓа помеѓу големите Јапонски острови Хоншу и Шикоку. Островот Сходо има доста разгранета форма, па така полуостровите се честа појава. Меѓу полуостровите особено забележително е томболото ,,Ангелски пат‘‘, кое всушност преставува серија од 3 меѓусебно поврзани томболи.

Меѓу највпечатливите томболи на Азискиот континент има место и за томболото Ормара. Ова томболо се наоѓа во Пакистан, на водите од Арабиското Море. Имено локацијата на овој полуостров се наоѓа на околу 300 км западно од најголемиот град во Пакистан – Корачи. Инаку доста значајно е да се напомне дека низ овие просори поминал Александар Македонски, па и одтаму потекнува името на овој полуостров, наречен е по еден воин – Ормоз, кој починал на ова место.

Томболо – Хоут, се наоѓа во источна Ирска на водите на Ирското Море, во сама близина на главниот град на оваа земја – Даблин. Инаку на овој полуостров – томболо  се наоѓа предградието на Даблин  – Хоут. Како главен заштитен знак на овој полуостров е истоимениот светилник – Хоут.

Тиорам е еден мал полуостров – томболо, кое е се наоѓа во Западна Шкотска. Сместено е во еден залив, кој претставува многу заскриена локација. Локација која во 13 – от век била искористена за подигнување на тврдината Тиорам или позната уште меѓу локалното население како Дорлин. Денес сеуште има видливи остатоците од тврдината.

Свети Стефан денес претставува полуостров (томболо), на кој опстојува истоимената населба. Оваа томболо се наоѓа во Црна Гора, лоцирано  7 км јужно од градот Будва.  Имено во 1442 година на полуостровот е изградена тврдина, првично како привремено засолниште, а подоцна била и населена. Според пописот од 2003 година во населбата Свети Стефан живееле 411 жители.  Денес Свети Стефан претставува едно од најлуксузните летувалишта не само Црна Гора, туку и на целото Јадранско Море.

Извoри:

1) Колчаковски Д. (2006) Геоморфологија, високо школски учебник, Скопје

2)      www.wikipedia.org/Tombolo

 

 Подготвил: Дарко Стојчески

Оваа статија е прочитана 6912 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *