27.10.2012
Медицинска географија, уште наречена и здравствена географија е интердисциплинарна област која ги користи географските пристапи и техники во истражувањето на здравствјето и распространетоста на болестите низ светот. Покрај тоа, медицинската географија гo проучува влијанијата на климата и локацијата врз здравјето, како и дистрибуцијата на здравствените институции и услуги во рамките на една држава, регион, континент или пошироко. Медицинската географија е многу значајно поле на истражување бидејќи има за цел да го одреди влијанието на географските фактори врз здравствјето на населението. Оваа научна гранка има долга историја на развој. Уште од времето на Хипократ (5-4 век п.н.е.), луѓето се интересирале за влијанието на локацијата врз нивното здравје. Така на пример, дури и во тој ран период од развојот на медицината, се барале причините за варијациите на болестите кај луѓето што живееле на помала или поголема надморска височина. Се дошло до заклучок дека оние што живееле во пониски подрачја, особено близу површински води, биле многу поизложени на маларија од луѓето што живееле на повисоки или посуви места. Иако во тоа време причините за овие разлики не биле јасни, може да се каже дека ваквите „истражувања“ за просторната распространетост на болестите означуваат почеток на медицинската географија. Меѓутоа, поголем напредок не е направен се до средината на XIX век, т.е. во времето кога колерата земала силен замав во Лондон. Со разболување на се поголем број луѓе, почнало да се верува дека болеста доаѓа од испарувањата на влагата во подлогата. Џон Сноу, тогаш познат лондонски лекар, врз основа на тоа верување, направил карта на најпогодените подрачја од колера и дошол до сознание дека најмногу случаи има во близина на пумпната станица за вода во „Широката улица“ (Broad Street). Заклучува дека причината за големата застапеност на колерата е поврзана со користењето на водата од пумпата, која потоа веднаш е затворена. Интересно е што набрзо, бројот на случаи на колера драстично се намалил. Ова е прв случај на типично медицинско-географско истражување кое имало голем позитивен ефект. Слично, доста корисно истражување е она во Колорадо-САД, од почетокот на XX век. Со картирање на распространетоста на кариес кај децата, се дошло до сознание дека значително помалку кариес има кај децата кои пиеле вода со поголема застапеност на флуор. По таквото сознание, флуорот почнал да се користи за заштита од кариес преку забни пасти и преку додавање во водата за пиење или млекото. Во минатиот век, заради бројните позитивни достигнувања, медицинската географија го добива заслуженото место и започнува да се изучува како предмет на медицинските и географските студии ширум светот. До денес е направен огромен напредок во картирање и согледување на влијанието на некои географски фактори за застапеноста на болестите низ различни региони, а врз основа на картите се добиени идеи за многу третмани и лекови. Така, увидено е дека болестите на кожата стануваат се почести во големите географски широчини, што се должи на малото генерирање на витаминот D во организмот. Утврдено е дека во големите агломерации се јавуваат зачестени заболувања на респираторните органи, како и разни алергии. Изработени се цели атласи за распространетоста и ширењето на некои болести, а преку современите ГИС технологии речиси во реално време се следат пандемиите и наглиот пораст на одредени локациско-поврзани заболувања. Воедно, утврдени се подрачја каде болестите се многу ретко застапени, а животниот век значително подолг од просечниот. Во некои од тие подрачја дури се идентификувани причините за таквото нешто – исхрана богата со некои „лековити“ додатоци, морска храна, еколошки чисти намирници, почва богата со протективни минерали и др. Во последно време, се јавуваат дури и суб-дисциплини како еко-психологијата, која ги проучува влијанијата на некои географски фактори и појави (климата, природните катастрофи, демографското стареење и др.), врз психичките состојби и пореметувања. Како и да е, медицинската географија допрва го добива местото кое навистина и припаѓа, а нејзините научни методи се почесто се применуваат во истражувањата. Како таква, оваа дисциплина треба да го добие своето заслужено место и во високообразовните институции во Република Македонија.
За поврзаноста на здравјето и географијата повеќе можете да видите во интересната статија за здравјето и географијата.
Извори: http://geography.about.com/od/culturalgeography/a/medicalgeograph.htm
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 5304 пати!