8.02.2012
Познатата интернет апликација Google Earth која е дел од Google, постави нова база на податоци за длабоките морско-океански површини (сегмент познат како Google Ocean). Тоа се бројни снимки и ехо-сондерски мерења на океанските дна, собирани во последните 3 години од разни истражувачки бродови и обработени од голем број стручњаци-геофизичари и нивни студенти. Благодарение на новите податоци, се добива многу попрецизна представа за тоа како изгледаат длабоките океански области, каков е подводниот релјеф и колку е вистинската длабочината до дното. Сега веќе околу 15% од површината на океаните и на морињата е детално картирана со резолуција од 1 км која за вакви услови се смета за одлична. Со таква точност, Google Earth (односно Google Ocean) не само што може да се користи за аматерско „разгледување“ на морско-океанските дна и барање на „изгубени копна“ (како Атлантида), амбиси, подводни вулкани, долини и пукнатини, туку може да послужи и за многу посериозни истражувачки цели.
Извор:
http://www.sciencedaily.com/releases/2012/02/120202164819.htm
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 3624 пати!