13.02.2012
Во периодот од 8-12.02.2012 година, дел од студентите на Институтот за географија при ПМФ во Скопје (насока туризам) во придружба на нивните наставници, го посетија 15-тиот меѓународен саем за туризам EMMIT 2012 кој се одржа во Истанбул, Турција. Покрај посета на саемот, според програмата детално беа разгледани најзначајните знаменитости на европскиот дел на Истанбул (Сината џамија, Аја Софија, Хиподромот, Топкапи сарајот, Долмабахче дворецот, Капали чаршијата и други. Освен тоа беше изведено и двоиполчасовно крстарење по Босфорскиот протек, со запознавање на покарактеристичните градби и објекти. Без оглед на релативно ладното и снежно зимско време (кое и не е толку својствено за овој медитерански град), програмата беше целосно реализирана, а студентите се запознаа со разновидни туристички активности и содржини. Инаку, Истанбул (Цариград) е најголем град на Балканскиот Полуостров и меѓу најголемите градови во Европа и во светот. Според најновите официјални податоци, градот има 13,5 милиони жители и уште околу 3-4 милиони туристи, деловни луѓе, работници и слично, па така вкупната бројка е околу 16-17 милиони луѓе кои секојдневно се присутни во него. Тоа е единствен град во светот кој лежи на 2 континента: западниот дел од градот е во Европа а источниот во Азија. Двата дела се раздвоени со протокот Босфор кој ги поврзува Црно и Мраморно Море и е важен пловен коридор од извонредно геостратегиско значење. Сепак Истанбул се смета за европски град затоа што две третини од него вклучувајќи го и центарот лежат во европскиот дел, додека азискиот дел е значително „помлад“ и посиромашен во секоја смисла. Инаку, градот покрива површина од 2000 км квадратни, а поширокиот регион дури 5200 км квадратни. Растојанието од најзападниот до најисточниот дел од градот е речиси 150 км. По својата колосална големина и карактеристики, Истанбул е вистински светски мегалополис и спаѓа меѓу 10-те најголеми градови во светот. Воедно, тој е многу силен економски центар во кој живеат дури 35 милијардери по што е на четврто место во светот, а вкупниот бруто домашен производ на градот е близу 200 милијарди долари (20 пати повеќе од вкупниот БДП на Македонија)! Една од најразвиените економски гранки се трговијата, туризмот, индустријата и други.
По својата културно-историска важност, Истанбул е во самиот врв, во рангот на Рим, Лондон или Парис. Доволно е да се каже дека бил престолнина на три големи царства: Римско, Византиско и Османлиско. И денес во секоја смисла, освен во формална и политичка, тој е главен град на Турција. Ретко некој град толку многу го менувал своето име низ историјата како Истанбул. Дури и денес за него се користат различни називи: за Турција официјално е Истанбул, за грците е Константинополис, во словенските јазици често се користи називот Цариград, на ерменски е Болис, на хебрејски Куста итн. Последните археолошки наоди и истражувања за време на ископувањата поврзани со Истанбулското метро, потврдија дека овој град веројатно бил перманентно населен барем 5-6 илјади години, односно дека можеби е во групата на најстарите постоечки градови во светот. Сепак, најголем печат на градот оставил Османлискиот период и времето на султаните, кога се изградени импозантните џамии, сараи, дворци и други градби. Некаде пак од 1980-та година, започнува забрзана модернизација на Истанбул, изградба на широки булевари, високи облакодери (некои и до 50 ката), паркови, а во тек е изградба на делот од метрото под Босфор.
Истанбул секоја година привлекува над 25 милиони туристи кои се желни да ги видат неговите знаменитости, да го почуствуваат неговиот космополитски дух и одличната забава. За тоа на туристите им стојат на располагање неколку илјади хотели, хостели, вили и други сместувачки објекти, потоа двата модерни аеродроми, автобуски, железнички и бродски линии, програми за разгледување на градот, музеи, кабареа, театри, објекти за забава, шопинг центри, базари и многу други содржини. Понудата е збогатена и со трките на Формула 1, како и бројните веќе култни објекти од турските телевизиски серии. Поради развиената трговија, во Истанбул ќе се сретнат производи по многу достапни цени од речиси целиот свет, па туристичкиот престој обично се комбинира со традиционалното „пазарење“ или пак модерен шопинг. Затоа не е ни чудно што Истанбул стана еден од најголемите туристички центри во Европа и пошироко, кој секако заслужува да се види.
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 6713 пати!