Помалку мраз на Арктикот условува повеќе снег во Европа!

Според најновите истражувања, веројатноста за постудени и поснежни зими во Централна Европа и околните подрачја се зголемува во периоди кога Арктикот е покриен со помалку мраз во летниот период. Научниците од Институтот за поларни и морски истражувања „Алфред Вегенер“ во Потсдам, го разоткрија механизмот со кој намалувањето на мразната маса на Арктикот во лето, ги менува зоните на воздушниот притисок во атмосферата над Арктикот, што пак влијае на зимите во Европа. Како што е забележано во послените години, поголемото топење на мразот на Арктикот во летниот период, условува два значајни ефекти. Пред се, губењето на белата рефлектирачка мразна маса, доведува до потемна боја на океанот и до негово поголемо загревање во текот на летото. Второ, со топење на мразот се губи неговата улога на „изолатор“, па поголемо количество топлина од океанот се ослободува во атмосферата. Како последица на двата ефекти, воздухот над Арктикот во текот на есенскиот и зимскиот период е потопол од вообичаеното, заради што се издига повисоко и ја прави атмосферата нестабилна. На тој начин се нарушуваат разликите во воздушниот притисок помеѓу Арктикот и средните географски широчини во Европа, особено во однос на Азорскиот максимум и Исландскиот минимум (центри со константно висок односно низок воздушен притисок). Ако постојат високи разлики во притисокот, се јавува силен ветер од западен правец кој носи топла и влажна Атлантска воздушна маса кон Европа. Ако пак разликите се помали, за сметка на ветерот од Атлантикот, кон појужните делови на Европа се спушта студениот арктички воздух кој носи повеќе снег и ниски температури. Сето тоа покажува дека глобалното затоплување кое причинува топење на арктичкиот мраз, на одреден начин влијае на постудени и поснежни зими во Европа. Сепак, тие механизми на климатски влијанија се толку сложени и сеуште недоволно разјаснети, што секое предвидување на подолг рок е со голема доза на неизвесност.

Извор:
http://www.sciencedaily.com/releases/2012/02/120201105126.htm

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4280 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *