Мистеријата на Моераки камените топки

15.09.2014

MoerakiМоераки громадите всушност се стотици карпести блокови препознатливи по прилично тркалезниот, сферичен до елиптичен облик. Можат да се најдат расфрлани или во групи по плажата Коекохе во близина на Моераки, малото градче на новозеландскиот брег Отаго. Овој дел од плажата е заштитен од државата како научен резерват. Не само овде, туку и на другите делови на брегот на Нов Зеланд има тркалезни блокови обликувани првин со долг процес на седиментација, а подоцна и со ерозија. Според локалните маорски легенди, Моераки блоковите се остатоци од кошари за јагули, сладок компир и тикви кои морето ги исфрлило на брегот по бродолом на едно големо кану. Легендите понатаму велат дека блоковите кои се протегаат на подрачјето на Шаг Поинт, претставуваат скаменет труп на кануто, а блискиот карпест рт – телото на капетанот. Овие громади, тешки по неколку тони, настанале уште пред 60 милиони години, на самиот почеток на кенозоикот. Долг временски период, громадите лежеле покриени со седименти, се до пред неколку илјади години, кога повторно биле откриени на површината. Според анализите, се состојат од глина и ситен песок, „цементиран“ со калцит. Големината на блоковите обично е 1-2 метри, но некои достигнуваат пречник и до 3 метри. Речиси сите блокови имаат карактеристични пукнатини кои се шират од внатрешноста кон површината. Инаку, точниот начин како настанале камењата Моераки сеуште не е утврден. Се смета дека создавањето започнало во некогашни плитки крајбрежни води во кои се вливале реки што внесувале доста мил. Со постепено слепување на милот, глината и ситниот песок, нараснувале камењата до пречник од неколку метри. Сепак, останува науката да одговори зошто вакви сферно-тркалезни седиментни блокови има само по бреговите на Нов Зеланд.

Извор: http://en.wikipedia.org/wiki/Moeraki_Boulders

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *