18.09.2014
Неодамна, во издание на Просветно Дело од Скопје, од печат излезе новиот Географски атлас на светот на македонски јазик. Атласот е во стандарден формат за ваков тип изданија (проширен А4), на 96 страници во колор. Се состои од 32 големи (двострани) физичко-географски карти, 56 тематски карти, повеќе специјални 3Д прикази и профили, потоа основни податоци за секоја држава и други дополнителни прилози. Освен печатениот дел, атласот содржи ЦД диск на кој електронски е претставена целокупната содржина. Интересно е што сите карти се изработени со посебна софтверска технологија, преку користење на прецизни 3Д модели на релјефот на копното и морското дно. Секоја карта е дадена во точно одредена и наведена проекција во зависност од формата на регионот или државата и начинот како се прикажани, додека размерот е пресметан софтверски и наведен на соодветното место. Картите немаат типична бела рамка, туку се протегаат до краевите на страницата. Посебно место во атласот има делот за Република Македонија кој е работен и одобрен во согласност со Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија. Самиот начин на изработка е според тематско-дигиталниот, ГИС-базиран пристап, за оваа потреба развиен и реализиран од д-р Ивица Милевски, професор на Институтот за географија при ПМФ во Скопје. Примената на најсовремена ГИС-технологија, освен одличниот визуелен ефект, ќе овозможи лесна корекција, промена на размерот, големината, приказот на картите, бришење или дополнување на дигиталните елементи на картите во атласот и останати измени неопходни за следните изданија.
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 11018 пати!