16.08.2014
Развојот на туризмот, како стратешка определба во Република Македонија, се приклучува на современите светски текови, каде е-туризмот зазема водечка улога. Тоа најмногу се гледа по застапеноста и понудата на објектите за сместување, на светски познатите туристички портали како што е booking.com. Booking.com е светскиот лидер во он-лајн резервации за сместување. Секој ден над 650.000 ноќевања се резервираат преку booking.com. Основан во 1996 година, овој сајт ги гарантира најпогодните цени за сите видови на сместување, од мали семејни Б&Б, до најпознатите светски брендови и апартмани со 5 ѕвезди. Booking.com е достапен на повеќе од 40 јазици и нуди над 440.000 сместувачки капацитети во 200 земји ширум светот. Седиштето на оваа агенција се наоѓа во Амстердам, Холандија и е интернационално поддржана со 115 канцеларии во преку 50 земји. Во трендот на пораст на таканаречениот е-туризам, booking.com се покажа доста успешен со над 300.000 резервации дневно. Тој е и еден вид на репер за тоа какви се сместувачките објекти и каква е воопшто состојбата со туризмот на некоја дестинација. Во таа смисла, многу охрабрувачки е постојаниот пораст на објекти кои преку booking.com се нудат во Македонија, особено во Скопје и Охрид. Така, до 2005 година немаше речиси ниту еден објект во Македонија достапен на booking.com и воопшто за on-line резервација. Во 2010 година, кога почна пробивот на е-туризмот во Македонија, оваа агенција нудеше само 30-тина сместувачки објекти во нашата држава, а тој број во 2012 година се искачи на 180. Истата година, во Охрид беа достапни близу 90 сместувачки објекти (главно вили и помали хотели), за Скопје 55 објекти, за Битола 10, за Маврово 5 објекти и за сите останати места уште 20 објекти. Денес (август, 2014 година), на Booking.com за Македонија се достапни дури 500 сместувачки објекти. Меѓутоа, проблем е нерамномерната застапеност на понудените објекти. Така, состојбата по градови и места е следната:
- Охрид – 240 сместувачки објекти,
- Скопје – 125
- Битола – 25
- Берово – 9
- Струга – 9
- Дојран – 6
- Гевгелија – 5
- Тетово – 5
- Маврово – 5
- Кавадарци – 4
- Прилеп – 3
- Кочани – 3 сместувачки објекти.
Останатите градови и места нудат помалку од 3 објекти или воопшто немаат никаква понуда. Така, во Струмица се нудат само 2 објекта, додека во Куманово, третиот по големина град во државата се нуди само еден мал објект за сместување. Интересно е што нивото и квалитетот на услугите во објектите, особено во семејните апартмани, вили и мали хотели, перманентно се подобруваат, па гостите оставаат се подобри препораки за посета и престој. Исто така, значајно е што се зголемува бројот на објекти со висок рејтинг од страна на гостите, па веќе има 30-тина објекти со рејтинг повисок од 9.0.
Инаку за споредба, според површината и бројот на жители, на Балканскиот Полуостров во поглед на објекти што се нудат на booking.com сме подобри од Србија, која нуди вкупно 1000 објекти, БиХ околу 350, Косово само 80 и Албанија 550 објекти. Од друга страна, во Црна Гора се нудат 1900 сместувачки објекти, а само во Варна во Бугарија околу 560 (Банско, 350).
Бидејќи голем дел од потенцијалните странски туристи одлучуваат дали и каде ќе престојуваат во Македонија токму следејќи ги агенциите како booking.com или tripadvisor, неопходно е да се зголеми бројот на сместувачките објекти достапни на овие сервиси и да се зголемат оценките што гостите ги даваат за нив по престојот. Воедно, евидентно е дека се повеќе македонски туристи и патници го користат booking.com при посета и патувања не само во странските држави туку и во Македонија.
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 6348 пати!