15.08.2014
Во месец јули, во најсеверните, арктички, речиси ненаселени делови на Русија (Јамалска област), почнаа да се појавуваат и да се откриваат чудни, длабоки јами, за кои први јавија локалните одгледувачи на северни елени. Јамите обично имаат пречник 15-20 метри, длабочина до 80 метри, а на нивното дно има наслаги на снег. Во почетокот немаше логично објаснување за појавувањето на јамите. Поради тоа на социјалните мрежи се изнесуваа секакви верзии: од тестирање на непознати оружја, до подземна база на вонземјани.
Според локалните одгледувачи на северни елени, на ова подрачје во септември минатата година паднало небесно тело и се видел блесок. Затоа, стручњаците од Научниот центар за проучување на Арктикот и од Институтот на криосферата на Земјата, ја проучија првата јама, го измерија зрачењето и констатираа дека тоа е во границите на нормалата. Научниците забележаа дека во близина на кратерот на јамите и на 100-200 метри околу него се расфрлани парчиња земја, што сведочи за тоа дека земјиштето не потонало, туку дека е исфрлено надвор. Освен тоа, не се пронајдени никакви јагленосани или подгорени парчиња, така што може да се исклучи и верзијата со паѓање на метеор. Научниците претпоставуваат дека замрзната земја е исфрлена под моќен притисок одоздола и дека тој притисок најверојатно го направил метанот. Се наметна заклучокот дека главна причина за формирањето на ваквите јами е ослободувањето на гас од земјата, што пак може да биде предизвикано од глобалното затоплување. Глациолозите од Субарктичкиот научно-едукативен полигон истакнуваат дека температурата на пермафростот – вечно замрзнатата површина, постојано расте на подрачјето каде се појавуваат јамите. Пред 40 години температурата на воздухот во просек овде изнесувала околу 8 степени под нулата, а сега на определени места изнесува само 3 степени под нулата. Можеби токму поради тоа во подземните слоеви на северната тундра започнал процесот на одвојување метан од замрзнатите кристални наслаги, негово натрупување и исфрлање во вид на експлозија. Во следните месеци, научниците ќе продолат да ја следат појавата на јамите и ќе се обидат целосно да го разјаснат нивното настанување.
Извор: http://mk.rbth.com/science
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 4386 пати!