Следните денови единствено „небесно трио“ на Венера, Јупитер и Месечината

24.03.2012

По речиси целомесечна извонредна можност да ги гледаме како првин се приближуваат, а потоа раздалечуваат двете најсјајни планети (гледани од Земјата) Венера и Јупитер, овие неколку дена на нив ќе им се „придружи“ и Месечината. Исклучително убав призор на ноќното небо ќе имаме во неделата (25.03) и понеделникот (26.03) навечер околу 21 часот, кога трите сјајни небесни тела ќе се најдат на многу мала привидна оддалеченост на западниот хоризонт. Инаку, без оглед што Јупитер деновиве е на оддалеченост од дури 850 милиони км од Земјата, тој убаво и многу сјајно се гледа со голо око, а со аматерски телескоп јасно се забележуваат појасите на планетата и 4-те Галилееви сателити. Венера пак моментално е на околу 105 милиони км растојание од Земјата и исто така одлично видлива, а низ телескоп се гледа како мал беличест круг.
Веќе од почетокот на април, Јупитер ќе може се пократко да се гледа, а од 25-ти април ќе „зајде“ зад хоризонтот и повторно ќе се појави дури на крајот на јуни. Следните неколку денови пак, Венера ќе ја достигне својата „кулминација“ за 2012 година и ќе се гледа доста долго и јасно, за потоа можноста за набљудување постепено да се намалува до месецот мај. Покрај наведените планети, повисоко на небото многу добро се гледаат Марс, а малку кон исток и Сатурн чии прстени се воочливи низ послаб телескоп.
Според тоа, уште неколку вечери уживајте во прекрасното небесно трио единствено за 2012 година!

Подготвил: д-р Ивица Милевски 

Оваа статија е прочитана 5168 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *