Одржано стручно предавање од проф. д-р Ивица Милевски на ПМФ во Косовска Митровица

На покана на Деканот на Природно-математичкиот факултет, при Универзитетот во Приштина (со привремено седиште во Косовска Митровица), а по иницијатива на проф. д-р Александар Ваљаревиќ, на 17.05.2022 година беше одржано гостувачко предавање од д-р Ивица Милевски, професор на Институтот за географија, при ПМФ во Скопје. Предавањето покриваше две теми со соодветни презентации. Првата тема се однесуваше на климатските промени и природните непогоди во Македонија. Второто предавање беше на тема: Геодиверзитет и геонаследство во Македонија, со посебен акцент на глацијалните предели. Предавањето го проследија 50-тина студенти и професори од повеќе Институти на ПМФ при Приштинскиот Универзитет во Косовска Митровица.

Истото предвизвика голем интерес и бројни прашања од присутните професори и студенти. Освен тоа, во неформалниот дел од посетите, со присутниот Декан на ПМФ, продеканите, шефовите на Институтите, се дискутираше за можно продлабочување на соработката меѓу двата Природно-математички факултети.Особено пријатно бевме изненадени од извонредниот дочек од нивниот декан, продеканите, шефовите на Институтите, а на крај и заеднички ручек со Ректорот на Универзитетот, проф. д-р Небојша Арсиќ. Однос, срдечност, широкоградост, организација и гостопримство на највисоко ниво. Во таа смисла, морам да изразам огромна благодарност за дочекот и севкупниот однос до деканот на ПМФ – проф. д-р Дејан Гурешиќ, потоа продеканот за наука проф. д-р Љиљана Гулан, шефот на катедрата за географија – проф. д-р Саша Милосављевиќ. Посебна благодарност за убавите зборови на мојот драг колега и извонреден научник проф. д-р Александар Ваљаревиќ и за драгиот пријател и колега кој сето ова го забележа, проф. Драган Радовановиќ, како и останатите професори кои не удостоија со нивното присуство.

Инаку треба да напоменеме дека во последните години државата Србија, но и Косово вложуваат големи средства на овој Универзитет со повеќе илјади студенти. Затоа воопшто не изненадува фактот што истиот има голем напредок во речиси сите полиња, особено во делот на меѓународна соработка, проекти, мобилност на студенти и наставен кадар (професори, асистенти), што навистина е за голема пофалба. Остана задачата за што поскорешно потпишување договори за соработка на двата Природно-математички факултети и возвратна посета на наставниците и студентите на нашиот факултет во Скопје.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 310 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *