5.10.2015
Многумина од нас, гледајќи кон дневното или ноќно небо, често пати се прашуваат на која височина почнува вселената или која е „долната граница“ на вселената. Меѓутоа, прецизен одговор на на ова прашање не постои, бидејќи нашата атмосфера со височина, постепено и речиси неприметно преминува кон вселенскиот простор. Затоа е навистина проблематично да се каже дали некој пилот кој лета многу високо во атмосферата е само пилот или „астронаут“. Заради бројните дилеми и различни толкувања, Меѓународната авиосообраќајна организација ФАИ го прифати предлогот изнесен во 1956 година од американскиот научник Теодор Карман, според кој како граница помеѓу атмосферата и вселената треба да се земе височина од 100 км над морското ниво. Во негова чест, оваа граница се нарекува Карманова граница или линија. Кармановата линија не е некаква јасна физичка граница, бидејќи атмосферата се протега уште неколку илјади километри над Земјината површина, но станува толку ретка (егзосфера), што практично преминува во вакум. На височина од околу 100 км, атмосферата веќе е толку ретка, што лет со типичен авион е невозможен. Тоа значи дека за вселенско летало може да се смета она кое се искачило на височина поголема од 100 км, а за такво нешто пак е потребно да се достигне и надмине т.н. орбитална брзина.
Обично се мисли дека прв вештачки објект кој достигнал до вселената (т.е. над височина од 100 км) е рускиот сателит Спутник, во 1957 година. Меѓутоа ова тврдење е погрешно. Имено, 13 години претходно, уште за време на Втората светска војна, Германците извршиле пробно лансирање на ракетата V-2, која уште тогаш достигнала височина од 189 км, далеку над Кармановата линија. Оваа ракета, која била наменета за гаѓање на далечни сојузнички цели, може да се смета за прв човечки објект кој ја напуштил Земјата и стигнал до вселената.
Извори:
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 7172 пати!