Снимена нова интересна лавина на Марс

6.10.2015

Леталото на НАСА “Mars Reconnaissance Orbiter”, со својата камера со висока резолуција, минатата недела сними интересна лавина со пречник од околу 20 метри. На фотографијата јасно се гледа како лавина од „сув мраз“ (замрзнат јаглерод диоксид) и прашина, паѓа преку стрмните карпи кај северниот пол на Марс. Иако појавата е доста интересна, не претставува новост, бидејќи прв пат лавини на Марс беа потврдени уште во 2008 година. Според досегашните сознанија, одреден број лавини се предизвикани од удари на метеори, а други пак се последица на промена на годишните времиња, односно премин од зима во пролет. Самите годишни времиња на Марс траат двојно подолго отколку на Земјата, бидејќи и Марсовата година е речиси двојно подолга (687 дена). Воедно, и зимата и пролетта се многу постудени на Марс и се слични со температурите во централниот дел на Антарктикот (-30 до -90 степени Целзиусови). Како и да е, лавините, активните песочни дини, песочните бури, долини и кањони на Марс ни укажуваат колку е динамична оваа планета. Последните потврди за постоење на течна вода (инаку првите наговестувања за такво нешто беа уште од 1970-тите години), како и слични ерозивни, релјефно-обликувачки процеси ни ја подгреваат фантазијата за сличноста на некои предели на Марс и на Земјата. Со тоа, желбата човекот да ја посети оваа планета веќе во следните 2 децении станува уште поголема.

Извор: http://www.dailymail.co.uk

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3050 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *