НАСА со храбра најава за пронаоѓање на вонземски живот во следните 20 години!

16.07.2014

Научниците кои постојано се во потрага по знаци на живот во вселената и планета која може да се спореди со Земјата, тврдат дека се наоѓаат многу поблиску до својата цел од она што луѓето можат да си замислат. Така, Американската вселенска агенција НАСА тврди дека следните 20 години ќе биде пронајден вонземски живот и тоа надвор од нашиот Сончев систем. Во барањето на одговорот дали сме сами во вселената, ќе бидат користени бројните сегашни и идни телескопи. Според одредени проекции на НАСА, само во нашата галактика постојат околу 100 милиони светови кои се погодни за постоење на живот. Воедно, се напредува кон целта да се најде планета која по својата големина и карактеристики би била речиси идентична на Земјата. До сега, најслична откриена планета која се наоѓа во хабитабилната зона е Кеплер 62, која е само малку поголема од Земјата. Интересна е и неодамна откриената Gliese 832c која веројатно има слична температура како Земјата, а е на „само“ 16 светлосни години. Тоа сепак значи дека со сегашната технологија што ја имаме, ќе ни бидат потребни илјадници години да посетиме некоја од најблиските слични планети. Останати две варијанти се друга високо развиена цивилизација да не посети нас (ако веќе не се случило тоа) или да комуницираме (доколку се разбереме) преку радио бранови (за еден краток „муабет“, пак би биле потребни околу 100-тина години).

Подетално за темата може да погледнете овде.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4418 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *