Овој ноември, најтопол од 1880 година, идниот веројатно уште потопол!

19.12.2013

Според извештајот на Американската Државна управа за океани и атмосфера (NOOA), оваа 2013-та година, светот го забележа својот најтопол ноември од 1880 година, кога започна собирањето податоци за температурата на глобално ниво. Просечната глобална температура на копно и во океаните во ноември 2013 година изнесуваше 13,68 степени Целзиусови, што е за 0,78 степени повеќе од просечната температура за тој месец во XX-тиот век која изнесуваше 12,9 степени Целзиусови.
Овогодинешниот ноември е 37-ми по ред ноември што е потопол од просекот. Последен пат ноември беше постуден од просекот во 1976 година, додека февруари 1985 година беше последен месец кој на глобално ниво беше постуден од просекот. Во повеќето области на Земјата, ноември оваа година беше потопол од просекот. Тоа особено важи за Евроазија, африканското крајбрежје, Централна Америка, Јужна Америка и одделни зони на северниот Атлантик, југоисточниот Пацифик, Индискиот Океан и југот на Русија. Постуден ноември е забележан на северот на Австралија, во одделни области на Северна Америка, на југозападот на Гренланд и во делови на океани во близина на Јужна Америка.

Всушност, се очекува следната 2014-та година да биде уште потопла од оваа, пред се поради зголемување на ефектот Ел Нињо, со кој се загрева водата во тропскиот дел на Пацификот, а тоа пак обично условува глобален пораст на температурите. Затоа се очекува следната година да биде со рекордно високи температури на глобално ниво во последните 100-200 години.

За разлика од месец ноември, првите анализи покажуваат дека декември во некои делови на светот ќе биде дури и постуден од просекот за овој месец. Сепак, оопрецизните податоци за овој месец ќе ги имаме во текот на јануари. Едно е сигурно: глобалната клима забрзано и незапирливо се загрева, пред се поради човековите влијанија.

Извор: http://www.nbcnews.com/science/november-was-hottest-earth-1880-2D11761734

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3752 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *