Во недела традиционално искачување на највисокиот врв во Македонија – Голем Кораб!

6.09.2012

Во недела на 9 септември, по повод Денот на независноста на Република Македонија, во организација на планинарското спортско друштво „Кораб“ ќе се изведе 21-вото, традиционално искачување до највисокиот врв во Македонија – Голем Кораб (2753 м). Оваа година, како и претходните, се очекува учество на голем број планинари, рекреативци и вљубеници во природата, особено со оглед што се предвидува убаво и пријатно време. Официјалното искачување започнува во 9 часот од караулата Победа на 1450 м надморска височина, додека врвот се „затвора“ во 15 часот до кога и последните учесници мора да почнат да се враќаат назад кон караулата. До вечерта, односно 19 часот би требало сите учесници да се симнати кај караулата, за потоа организирано или со сопствен превоз да заминат кон своите дестинации.
Инаку, планинарската патека е долга 9 км во еден, односно 18 км во двата правци, маркирана, а на одредени пунктови има членови на планинарското друштво Кораб и на Црвениот крст за евентуална помош и асистенција. Висинската разлика помеѓу почетната точка и врвот изнесува 1300 м, а вкупната денивелација е 2600 м што е значителна вредност за наши услови. Затоа, во зависност од психофизичката подготвеност и кондиција, за искачување и симнување се потребни во просек по околу 3-4 часа. Патеката при убаво (суво) време нема некои многу напорни или опасни места (иако е потребно внимание при движење), а долж неа се протегаат прекрасни планински и долински пејсажи. Особено фасцинантен панорамски поглед има на самиот врв Голем Кораб, како кон македонската, така и кон албанската страна на запад. Низа од остри, карпести планински сртови и врвови, длабоки долини, глацијални форми и мали планински езера, едноставно го одземаат здивот. Затоа многумина учесници речиси секоја година повторно се враќаат и се искачуваат уживајќи во погледот.
Важно е да се напомене дека бидејќи станува збор за високопланински простор, неопходно е да се носи соодветна опрема (планинарски чевли, кабаница, јакна и сл.), доволно вода (околу 2 литри) и соодветна храна.

Покрај со сопствен превоз, заинтересираните учесници од повеќе градови можат да го користат и посебно организираниот автобуски превоз кој во раните утрински часови тргнува до караулата Победа, а вечерта се враќа назад. Така, од Скопје поголем број автобуси околу 5 часот тргнуваат кон Кораб, а околу 19 часот се враќаат назад.

Во секој случај, искачувањето на Кораб претставува единствено доживување, одлична рекреација во прекрасна природа и уживање за сите сетила. Затоа не е случајно што последните години овој настан има се повеќе учесници од Македонија и од странство, кои веќе се бројат во илјадници.

Повеќе информации за настанот можете да најдете на страницата на ПСД Кораб.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 6014 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *