Под мразот на Антарктикот откриен огромен кањон

26.07.2012

Во западниот дел на Антарктикот, под дебелата мразна покривка е откриен тектонски ров по големина сличен со Американскиот Голем Кањон на реката Колорадо. Ровот длабок околу 1,5 км, широк 10 км и долг 100 км е откриен со специјален радар кој се користи за мерење на подмразната топографија. Британските научници кои стојат зад откритието, веруваат дека овој ров (кањон) во голема мерка е одговорен за топењето на мразот на Антарктикот и со околу 10% придонесува во издигањето на нивото на светското море. Еден од учесниците во истражувањето, глациологот Роберт Бингем вели „замислете го Големиот кањон исполнет со мраз и скриен под мразна покривка дебела 1 км“, додавајќи дека сите во тимот биле изненадени од големината на „скриениот“ кањон. Тимот истражувачи од Универзитетот во Абердин и британскиот Институт за истражувања на Антарктикот, го открија кањонот за време на патувањето низ овој западен регион во 2010 година. Инаку, ова подрачје кое се наоѓа на глечерот „Ледена Река Ферињо“ (Ferigno Ice Stream), до сега било посетено само еднаш и тоа далечната 1961 година. Се верува дека кањонот оди до океанот и дека потоплата вода од него, дополнително го забрзува топењето и рушењето на мразот во морето.
Во последно време, не само што се зачестија истражувањата на Антарктикот, туку од нив се добиваат многу важни резултати поврзани со минатите и сегашните промени на климата, но и воопшто со еволуцијата на Земјата како планета.

Извор: http://lightyears.blogs.cnn.com/2012/07/26/grand-canyon-sized-valley-found-beneath-antarctica/?hpt=hp_t3

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4179 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *