Неверојатната Кристална пештера во Мексико

12.06.2012

Пештерата на кристалите или Пештерата на џиновските кристали (Cueva de los Cristales) е пештера поврзана со рудникот Најка (Naica), на длабочина од 300 метри кај градот Најка во провинцијата Чивава, Мексико. Откриена е во 2000 година од страна на рудари кои пробивале рударско окно во потрага по олово. Пештерата е долга неколку стотици метри и има полукружна форма (форма на потковица). Главната пештерска сала содржи џиновски кристали на гипс, а некои од нив се најголемите и најубавите природни кристали што никогаш се пронајдени на Земјата. Сепак, посета на пештерата е крајно опасна. Пештерата е многу жешка, температура на воздухот е до 58 степени целзиусови, а влажноста се искачува и до 90-99 проценти. При вакви услови, човек може да издржи најмногу 10-тина минути. “Секој пат кога влегуваме, нашето тело губи речиси 2 литри вода” – изјавува еден од вработените во рудникот. Всушност затоа пештерата е релативно неистражена. Инаку, кристалите во пештерата се навистина неверојатни. Постојат џиновски гипсени кристали долги до 12 метри, со пречник од 4 м и тежина повеќе од 50 тони! Според истражувањата, вака големите кристали настанале поради влијанието на магматската комора под пештерата, со чија топлина загреаната подземна вода се заситила со многу минерали, вклучувајќи и гипс.  Со текот на времето (околу 500.000 години), гипсот не само што кристализирал, туку кристалите достигнале огромни димензии.

За среќа, ваквите џиновски гипсени кристали немаат комерцијална употреба, па затоа и се зачувани. До пронаоѓањето, најголем дел од нив биле потопени со подземна вода. Подоцна, водата е исцрпена со пумпи, но поради пореметената средина, кристалите почнале да се уништуваат. Затоа е извршена нивна „фотодокументација“ која сведочи за прекрасниот и неверојатен изглед, кој ретко може да се види на друго место во Светот. Од друга страна, тамошните научници испрќаат петиции до мексиканската влада, оваа пештера, од страна на УНЕСКО да се заштити како светско природно наследство, за да можат и наредните генерации да ја видат оваа убавина достојна за восхит. Денес, одредени повисоки делови од пештерата се веќе достапни за посета но на кратко од разбирливи причини. Се претпоставува дека во околината има уште вакви пештери – чуда на природата. Но не само таму – што ли уште крие целата Земјина кора?

Извори:

http://en.wikipedia.org/wiki/Cave_of_the_Crystals
http://www.crystalinks.com/mexicocrystals.html
http://geology.com/articles/naica-crystal-cave/
http://news.bbc.co.uk/2/hi/8466493.stm

Автори: Кристијан Ристовски и д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5393 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *