Поречки Манастир – Боженствена убавина и мир на падините на планината Добра Вода

21.09.2021

Секогаш кога ќе се спомне областа Порече, меѓу првите асоцијации се мир, спокој, таинствена, недопрена и живописна природа. Природата во Порече била особено дарежлива и на областа и подарила мноштво од раскошна убавина (повеќе за природата на Порече). Покрај широко познатите убавини, во областа Порече се среќаваат повеќе уникатни културно – историски објекти и старини. Старините или археолошките локалитети се претставени со стари градови, калиња, кули и цркви. Во Порече се среќаваат неколку впечатливи стари средновековни цркви. Меѓу најзачуваните и најпознатите средновековни цркви е црквата „Св. Богородица“ или „Рожденство на Пресвета Богородица“.

Црквата Св. Богородица е дел од  Поречкиот манастир кој се наоѓа во централниот дел на областа Порече (Општина Македонски Брод), од левата долинска страна на реката Треска. Манастирот се наоѓа на надморска височина од 765 метри, веднаш над селото Горни Манастирец (618 м.н.в.), во пазувите на планинскиот огранок Киска (планински масив Добра Вода). До манастирот води локален асфалтиран пат во должина од 5 km. Патот најпрво започнува од раскрсницата помеѓу регионалниот пат Р1106 (М.Брод – Скопје) и локалниот пат за селото Долни Манастирец. Потоа патот продолжува на запад и северозапад кон селото Горни Манастирец, а пред селото го менува правецот кон североисток и се движи кон манастирот. Последната делница е долга околу 1,5 km и истата е составена од повеќе кривини и угорнини кои на некои места се стрмни.

Поречкиот манастир претставува комплекс од  црквата Св. Богородица која има централна положба и повеќе конаци кои ја обиколуваат манастирската црква. Се претпоставува дека манастирот и црквата Св. Богородица потекнуваат од 12 – ти век, период во кој се забележуваат неколку пишани записи во кои се спомнуваат селата Могилец, Калуѓерец и Манастирец, чии имиња се произлезени токму од манастирот.  Во контекст на тоа, овие села се наоѓаат во близина на манастирот. Во периодот на Турското ропство манастирот бил запален. Истиот бил обновен по барање на Поп Костадин од селото Грешница, а за таа цел иницијаторите го испратиле Поп Димитрија во Цариград (Истанбул) за да добие одобрение од султанот за повторна изградба. Со одобрение на султанот,  мештаните повторно го подигнале манастирот во 1846 година, а од тој период потекнува голем дел од сегашниот изглед на црквата, како и конакот на југоисточната страна. Конакот на јужната страна е изграден во текот на 20 век, а додека новиот конакт на источната страна бил свечено отворен во текот на 2007 година. Според Републичкиот завод за заштита на спомениците, во манастирот се најдени фрески кои потекнуваат од 11 до 13 век, а со тоа се потврдува првичната претпоставка за староста на манастирот.

Во минатото, манастирот Св. Богородица бил познат како значаен духовен и книжевен црковен центар. Монасите во манастирот пишувале и препишувале повеќе книги со библиска и богослужбена содржина, како и преводи на некои светоотечки дела, слова и поуки. За богатото книжевно творештво на манастирот сведочат четири зачувани записи кои се пронајдени во областа Поречe: Празничен минеј од Дјак Добре од село Калуѓерец (ракопис од 14 век), Поречкото четвороевангелие од 16 век, Поречки октоих петтогласник од 15-16 век и Бенческо четвороевангелие од 16-от век. Образовната дејност на манастирот продолжила и во текот на 20 век, кога манастирот претставувал единствено и главно училиште во Поречкиот крај. Во периодот од 1947 до 1957 година во манастирот работело основно училиште во кое се описмениле повеќе од 850 ученици. Покрај тоа, манастирот претставувал главно место за преноќување на голем број печалбари и трговци кои во потрагата по заработувачка често го посетувале манастирот како место за попатен одмор.

Поречкиот манастир го празнува раѓањето на пресвета Богородица меѓу народот позната како „Мала Богородица“, празник кој се одбележува секоја година на 21 септември. Денес манастирот е дел од активните живи манастири, а со манастирот управува игуменот и монахот Бенедик.

Извори на литература:

  1. https://www.rrgrozdanoski.mk/%d0%bf%d0%be%d1%80%d0%b5%d1%87%d0%ba%d0%b8-%d0%bc%d0%b0%d0%bd%d0%b0%d1%81%d1%82%d0%b8%d1%80/
  2. https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%9F%D0%BE%D1%80%D0%B5%D1%87%D0%BA%D0%B8_%D0%BC%D0%B0%D0%BD%D0%B0%D1%81%D1%82%D0%B8%D1%80
  3. https://www.preminportal.com.mk/duhovnost-2/manastiri-i-crkvi/14209-porechki-manastir-
  4. Фотографии: Стојчески Д.

 

Напишал: Дарко Стојчески, дипломиран географ

Оваа статија е прочитана 1752 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *