Колку езера имa на Земјата?

11.04.2021

Колку езера имa на Земјата? Ова прашање отсекогаш предизвикува мистерија и силен интерес кај бројни светски научници и географи. Со оваа особено обемна и макотрпна проблематика се зафатиле голем број на хидролози и лимнолози. Речиси сите успеале да евидентираат до неколку стотици илјади езера, а претежно биле регистрирани само најголемите езера.

Сумирањето на езерата е особено деликатна тема за која се потребни неколку комбинирани процеси, првенствено стандардизирана методологија, современи и крупноразмерни сателитски снимки без приказ на облаци, како и соодветни компјутерски технологии со алгоритам за картографско-мапирање. Токму на овој начин меѓународен истражувачки тим составен од научници и истражувачи од Шведска, Естонија, Франција и САД, успеа да ги изброи речиси сите езера на Земјата. Целта на студијата која ја спровел истражувачкиот тим првенствено е да се попишат сите езера, а со тоа да се пресмета вкупната површина под езера преку која ќе се разбере улогата на езерата во однос на глобалното затоплување и јаглеродниот циклус, како и врската на езерата со другите природни процеси.

Имено, кога микроорганизмите ги разградуваат органските материи во атмосферата се ослободуваат јаглерод диоксид и метан. Истражувачки тимови како што е Tranvik откриваат дека езерата значително придонесуваат за овие и други природни процеси.

Инаку, студијата со попис на езерата ги опфаќа сите копнени површини на Земјата освен површините со вечен снег и мраз, како што се Гренланд и Антарктик. Во методологијата за броење на езерата вклучени се сите водени површини (езера, езерца и вештачки акумулации) кои имаат површина која е поголема од 0.2 хектари или површина со големина колку половина фудбалско игралиште (45 метри должина и 45 метри ширина).

Според истражувањето, евидентирани се околу 117 милиони езера со површина поголема од 0.2 хектари. Заедно сите езера зафаќаат површина од околу 5 милиони km² или 3,7 % од копнената површина на Земјата. Најголемиот дел од езерата се протегаат на северната полутопка помеѓу 45° и 75° северна географска широчина. Во однос на висинската распостранетост околу 85 % од езерата се наоѓаат на надморска височина до 500 метри. Инаку, околу 90 милиони езера (76,9 %) спаѓаат во категоријата на мали езера од 0.2 до 1 хектар. Останатите 27 милиони езера (23,1 %) се поголеми од 1 хектар.

Извори:
1.https://agupubs.onlinelibrary.wiley.com/doi/full/10.1002/2014GL060641
2.https://blog.nationalgeographic.org/2014/09/15/117-million-lakes-found-in-latest-world-count/#:~:text=Kutser.,according%20to%20a%20new%20study.

Подготвил: Дарко Стојчески, дипломиран географ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *