Планината Дурмитор и нејзините убавини

18.11.2012

Дурмитор претставува планински масив, кој се наоѓа во северозападните делови на Црна Гора. На североисток  и исток е распостранет до кањонот на реката Тара, на запад преку неговите ограноци се простира до кањонот на реката Пива,на југ преку превојот Седло се надоврзува со останатите Црногорски планини со динарски правец на протегање (северозапад – југоисток). Вака распостранетот масивот има должина од околу 50 км и ширина од околу 20 км. Името на оваа планина (масив) Дурмитор доаѓа од келските зборови ,Дру ми торе‘‘ што во превот значи ,,планина богата со вода’’.  Дурмитор има 48 врвови повисоки од 2.000 метри, меѓу нив највисок врв на масивот е Боботов Кук (2.523 м), втор по височина врв во Црна Гора, за   два  метри понизок од  највисокиот врв во Црна Гора – Маја Росит (пл. Проклетие). Други  помаркатни врвови на Дурмитор се: Шљеме (2.455 м), Милошев  Ток (2.426 м), Пруташ (2.393 м), Савин Кук (2.313 м) и Црвена Греда (2.164 м).  Дурмитор е венечна планина која е настаната со тектонски поместувања, набирања и навлекување на релјефот.  Класичен пример за навлекувањето (набирање) на релјефот се маркантните набори кај врвот Пруташ (западен дел на Дурмитор). Геолошкиот состав на Дурмитор е сложен, но во најголем дел е изграден од варовници, значително се среќаваат и непропусливите карпи.  Покрај структурниот релјеф, на Дурмитор во голема мера се забележуваат карстниот и  фосилниот глацијален релјеф.  Карстниот релјеф е претставен со повеќе подземни форми пештери и пропасти, меѓу пештерите особено позната е Ледената Пештера.  Глацијалниот релјеф е претставен со повеќе циркови и валови. Голем дел од цирковите се исполнети со вода. Дурмитор има 17 глацијални езера, меѓу кои најголемо и најатрактивно е Црното Езеро. Доста впечатливи и атрактивни се и Шкрчките Езера (Големото и Малото Шкрчко Езеро).  Покрај езерата, значителна атракција претставуваат и локалните реки, особено нивните кањони,  впечатливи се: кањонот на реката Тара, кањонот на Пива и кањонот на реката Сушица. На пл. Дурмитор често се среќаваат и понорите т.е. реките понорници, тоа е нормално бидејќи најголемиот дел од планината е претставена со карстен релјеф. Меѓу понорниците најголема е понорницата  на Жабјачка Река, река која истекува од Црното Езеро, која во непосредна близина на градчето Жабјак понира,  а нејзините води избиваат 11 км северно на десниот брег од реката Тара. Растителниот свет на Дурмитор е претставен со 1500 растителни видови, меѓу кои голем дел се од реликтен (остатоци) и ендемски карактер (единствени). Од дрвенестата флора најзастапени се: борот, смрчата и елата. Животинскиот свет е претставен со околу 180 видови на птици, повеќе видови на цицачи меѓу кои најзастапена е дивата коза итн. Од  1952 година, еден дел од планинскиот масив Дурмитор како и  кањонот Тара, се ставени под заштита  на националниот парк Дурмитор, со вкупна заштитена површина од 39.000 хектари или 1/3 од подрачјето на Дурмитор.  Во 1980 година националниот парк Дурмитор е заштитен под УНЕСКО, како природно наследство. Денес Дурмитор на туристички план сеуште се развива, најмногу  туристи се среќаваат во градчето Жабјак, кое се наоѓа во самата близина на Црното Езеро, едно од најатрактивните езера на Дурмитор.

Црното Езеро, најголемо и најатрактивно езеро на планината Дурмитор

Големото и Малото Шкрчко Езеро

Ледената Пештера, една од најпознатите пештери во Црна ГораКањонот на реката Тара

 Извори:

1) Vasovic, M. (1985.) Regionalna geografija. Rad, Beograd

2) Rodic, D., Pavlovic, M. (1994.) Geografija Jugoslavije i Savremena Administracija, Beograd

3) www.wikipedia.org/Durmitor

4) www.youtube.com/Durmitor nacionalen park

5) www.durmitor.wordpress.com/ncionalni-park/durmitor/

Подготвил: Дарко Стојчески

Оваа статија е прочитана 7365 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *