Откриена планета која нема „своја“ ѕвезда

15.11.2012

Меѓународен тим на астрономи за прв пат досега забележаа „планета – сираче“, која „лута“ сама во вселената надвор од орбитата на било која ѕвезда, на оддалеченост од околу 100 светлосни години од Земјата. Релативната близина на „одметнатата планета“ наречена CFBDSIR2149-0403, им овозможила на астрономите да пресметаат дека е млада, односно дека постои помеѓу 50 и 120 милиони години. Се смета дека планетата станала „сираче“ така што поради некакви причини излегла од орбитата на сопствената ѕвезда. Втората, помалку веројатна теорија е дека тоа е неуспешна ѕвезда која не собрала толку маса за да се загрее доволно и да почне со термонуклеарни реакции. Научниците сметаат дека температурата на новонајдената планета е околу 400 степени целзиусови, а според масата таа е 4 до 7 пати поголема од Јупитер. Бидејќи екстрасоларните планети обично се откриваат верз основа на гравитациското влијание врз сопствените ѕвезди, откривањето на вакви планети „самци“ е многу тешко. Тимот истражувачи пребарал огромен дел од небото во потрага по вакви планети, меѓутоа досега пронашле само една. Сепак, веруваат дека во вселената ги има многу почесто отколку што се мислело порано. Инаку новооткриената планета се движи заедно со група од околу 30 ѕвезди и се проценува дека настанале во исто време.

Извор: http://www.bbc.co.uk

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4801 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *