18.12.2012
Во петок, на 21 декември 2012 година, во 12 часот и 12 минути, во Република Македонија и на северната полутопка почнува зимата. Тоа е најран датум на почеток на зимата уште од 1896 година. Инаку, точно во тој момент, на северната полутопка сончевите зраци ќе паѓаат најниско над хоризонтот, а највисоко ќе бидат на јужната полутопка, односно над јужниот повратник, на 23°27’ јужна географска широчина. Затоа, во петок на северната полутопка ќе биде најкраток ден во годината, а на јужната полутопка пак, ќе биде најдолгиот ден. Во Република Македонија, најкраткиот ден ќе трае само 9 часа и 7 минути. Ноќта пак (21.12-22.12), ќе биде најдолга за 2012 година и ќе трае цели 14 часа и 53 минути. Веќе од сабота (22.12), ноќите ќе почнат да се скратуваат за по околу 2-3 минути, а за сметка на тоа ќе се зголемуваат деновите и тоа до 22 јуни 2012 година. Интересно е што поради закривеноста на Земјата, должината на најкраткиот ден и најдолгата ноќ се различни одејќи од екваторот кон половите, а различни се дури и во нашата држава. Така, во најјужните делови на Македонија (во правец на Битола), денот ќе трае 9 часа и 9 минути, а во најсеверните делови (над Крива Паланка) ќе трае точно 9 часа. Всушност, еве како изгледа тоа од екваторот кон половите:
Географска ширина: 0° |
10° |
20° |
30° |
40° |
50° |
60° |
66°33’ |
Најдолг ден 12 часа |
12ч35’ |
13ч13’ |
13ч56’ |
14ч51’ |
16ч09’ |
18ч30’ |
24ч |
Најкраток ден 12 часа |
11ч25’ |
10ч47’ |
10ч04’ |
9ч09’ |
7ч51’ |
5ч30’ |
0ч |
Зимата на северната полутопка е најкратко годишно време и трае околу 88 дена, 2-3 дена пократко од другите годишни времиња. Причина за тоа е што во овој период, Земјата се наоѓа најблиску до Сонцето. Силното привлекување, условува голема брзина на движење на Земјата по нејзината патека од 31 км/сек и „брзо“ поминување на „зимската“ орбита. Инаку, најблиското растојание меѓу Земјата и Сонцето или таканаречен перихел ќе се случи на 5. јануари 2012 година, кога Земјата ќе биде оддалечена „само“ 147 милиони километри.
Се очекува оваа зима да биде малку постудена од вообичаеното, особено во месеците јануари и февруари, кога се очекуваат значителни врнежи од снег.
Зимата ќе заврши на 20 март 2013 година во 13 часот и 2 минути, за време на пролетниот еквиноциум (рамноденица).
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 4541 пати!